Македонија
21. September 2021 - 19:58

ИЈЗ бележи најголем раст на позитивни случаи кај децата до 9 години

Кај децата до 9 годишна возраст има најголемо зголемување на бројот на Ковид позитивни. Извештајот на ИЈЗ покажува дека минатата недела регистрирани од вкупно 3340 заразени, 143 случаи се деца до 9 години што е за 50.5 % повеќе од претходната седмица. Според анализата пораст на заболени од  8.2 отсто има и кај лицата од 10 до 19 години. 

Во детскиот ковид центар во Институтот во Козле во моментот хоспитализирани се 19 деца на возраст од 1 месец до 16 години.

-Четири од нив се на кислородна подршка, но се стабилни, изјави д-р Бесник Зеќири, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле.

Во извештајот на ИЈЗ е неведено дека минатата недела регистрирани се 23 реинфекции, а за само 7 дена од Ковид починале 154 лица.

Зошто е толку висока смртноста во земјава професорот Даниловски во писмена изјава за Сител наведува неколку причини.

Отсуство на национални протоколи за лекување на ковид болни, давањето антибиотици за вирусна инфекција на сите нивоа на здравствена заштита, недоволно здравствен персонал заради огромниот наплив на пациенти со што драстично паѓа нивото на здравствените услуги и нега како и неправилното пополнување на документите за основната причина за смрт кај починатите.

-Не знаат кога да одберат КОВИД-19 како основна причина за смрт (смрт ОД ковид), а кога да одберат друга причина - одредена хронична болест, при што ковидот би се регистрирал како состојба која само придонела кон фаталниот крај (смрт СО ковид). Оттаму, изгледа најлесно им е СИТЕ умирања - ОД ковид и СО ковид - да ги стават во ист кош - умрени ОД ковид. Тоа автоматски има за последица, бројот на умрени од ковид да е повисок - во која мера, не може да се претпостави, изјави професорот Даниловски.