Македонија
13. July 2020 - 16:44

И во Косово ќе влегуваме со негативен корона тест

Македонските граѓани коишто сакаат да патуваат во Косово, ќе може да влезат само со задолжителен негативен тест на коронавирус, не постар од 72 часа. Оваа одлука денеска ја донесоа властите во Приштина. Од оваа мерка ќе бидат исклучени патниците од Македонија кои поседуваат двојно државјанство.

И Атина од среда до први август воведе обврска за негативен тест на граничниот премин со Бугарија. Но, македонците а сега и Србите се на листата земји на кои не им се дозволува влез во Грција. Грчките власти ги заострија контролите кон албанската граница, а се заканија дека строго ќе се казнуваат сите оние кои ке покажат невалидни и лажни тестови. Во исто време Грција   одлучи на 15 јули да воспостави директни летови со Британија, а од 22 јули и со Шведска.

Албанија  уште од први јуни ги отвори своите копнени граници. Сепак остануваат во сила дистанцата  од 1,5 метар про влез на граничните премини, носење маски,а се мери и телесната температура. Карантин и ПЦР тестови треба да се направат само доколку патникот има покачена температура.

Србија уште пред два месеца ги отвори границите за сите, но последниве денови поради лошата епидемиолошка слика во земјата, другите ги затвораат границите за српските граѓани. Последна во низата држави е Унгарија која за Србите воведе карантин и по два негативни Ковид теста.

Преку Бугарија е можен транзит за македонските патниици, но само доколку не се задржуваат.

Хрватското и црногорско приморје во наредниов период  се недостапни за македонските  туристи,  за кои е задолжителен карантин. Голем скандал во Црна Гора предизвика случајот на германски турист кој од Албанија влезе во Улцињ, каде пред камерите тврдеше дека ставил 50 евра во пасошот за да ја премине границата. Црногорските власти веднаш го уапсија заедно со неговите сопатници, а во своја одбрана тој објаснил дека само се шегувал.