Македонија
26. September 2021 - 16:25

И во Дојран имало праисториска наколна населба

Дојранското Езеро ја имало една од најбогатите праисториски наколни населби на Балканот датирана од преодниот период помеѓу доцното бронзено и желеното време. Населбата била лоцирана на нај јужната точка на езерото поставена на четири независни платформи, но меѓусебно поврзани. Наодите добиени од истражувањата кои започнаа пред девет години струмичкиот завод и музеј за прв пат ги презентираше и пред пошироката јавност.  Според археологот Зоран Рујак се работи за исклучително културно наследство кое дава многу појасна слика и нов аспект за тој преоден период.

„Со истражувањата се откриени 61 колец на површина од 300 метри квадратни. Меѓу колците сиот оној материјал што паднал кога била срушена населбата, кој што останал во водите на Дојранското езеро останал сочуван под наслаги на песок. Една специфична култура која што се поврзува за речиси целиот Балкан со силни влијанија од Егејот, односно Поврадарието и долен Вардар, така да едноставно мислам дека на некој начин овој локалитет станува неодминлив во понатамошното изучување на тој преоден период помеѓу бронзеното и железното време“, вели Зоран Рујак, ахеолог.

Добиените резултати од досегашните истражувања на локалитетот Мрдаја послужија и за изработка на идеен проект за изградба на музеј на отворено во водите на Дојранското езеро.

„Можеби ќе пробуди интерес кај надлежните овој проект да не остане само како виртуелна презентација, туку да го види светлото на денот и да служи за едукација и презентација на животот во минатото. Сметаме дека населбата била поголема од она што ние го имаме реконструирано. Самиот локалитет не е до истражен и не сакајќи да импровизираме ние даваме предлог за реконструкција четири куќи поврзани со платформа и мостови“, вели Александар Цицимов, архитект.

Наколната населба на локалитетот Мрдаја не била единствената од таков тип  во Дојран. Археолозите сметаат дека во водите на езерото најверојатно имало уште неколку такви населби. Две локации веќе биле маркирани,а што точно тие кријат треба да покажат следните истражувања.