Македонија
2. December 2021 - 16:40

И Јован Деспотовски размислува за кандидатура за лидер на СДСМ

На помалку од 24 часа пред архивата на СДСМ да прогласи крај на рокот за прием на кандидатури, 4 имиња најавуваат влез во трката за наследник на Заев. По Ременски и Ковачевски кои и официјално побараа место на гласачкото ливче, влез во изборната трка најавија и поранешниот шеф на УБК Миле Зечевиќ и актуелниот директор на технолошките зони, Јован Деспотовски. 

Прва во изборната трка влезе Ременски. Таа најави дека ќе се фокусира на враќање на партијата на победничките патеки а најави дека најголема поддршка очекува од женското лоби во партијата. 

Веднаш по нејзината стигна и кандидатурата на Ковачевски. Тој веќе ја објави и својата програма со која ќе ја бара довербата од членството на СДСМ. Се базира на три столба. Социјалдемократска визија, растечка економија и одговорно управување. Најавува фокус на обезбедување правда за сите, нулта корупција и системски промени за подобрување на услугите кои граѓаните ги добиваат од државата. Останува доследен на концептот едно општество за сите и почитување на договорите со Грција и Бугарија. 

„ Партијата е отворена за сите, јас сум човек кој не поддржува задкулисни партиски крила и струи, тоа не треба да ни ја одзема енергијата во работењето затоа што сите имаме иста цел, партијата да ги реализира ветувањата, да работи и го унапредува животот на граѓаните а за тоа мора да сме обединети и многу да работиме. Го немаме луксузот да се трошиме на фракции и струи, повикани сме од народот да ја водиме земјата напред и затоа барам од секој од нас одговорност за моментот во кој се наоѓаме.“ – стои во програмата на Ковачевски.

Миле Зечевиќ е долги години во раководството на СДСМ. Извршувал серија партиски и државни функции меѓу кои и организациски секретар на партијата и генерален секретар на Владата. Во моментов е советник во кабинетот на Заев. 

Деспотовски исто така е политичар со дебело досие во СДСМ. Бил на серија раководни позиции во партијата а во моментов е прв човек на индустриските зони. По професија е економист со многу познавања во делот на работата со европските пристапни фондови.

Од СДСМ велат дека до овој момент пристигнати се само кандидатурите на Ковачевски и Ременски а рокот истекува утре во 16 часот. Потоа, партиските тела ќе направат проверка дали сите кандидати ги исполнуваат условите согласно партискиот статут. 

Изборите се закажани за 12 декември. Тоа ќе бидат втори директни избори на Бихаќка откако на првите победи Заев во трка во која немаше противкандидат. И на овие, како и на претходните право на глас имаат сите кои поседуваат партиска книшка од СДСМ.