Свет
5. November 2015 - 20:05

И Холандија ги запре летовите до египетското летувалиште Шарм-ел-Шејк

Холандското Министерство за надворешни работи реши привремено, до крајот на оваа недела, да ги прекине сите летови од Холандија до египетското летувалиште Шарм-ел-Шејк и летовите над Синајскиот Полуостров, соопшти весникот „НЛ тајмс“, цитиран од руските медиуми.

Претходно истото го стори и Велика Британија.

Решението на Холандија е донесено по консултациите, поврзани со несреќата на рускиот патнички авион „ Ербас А321“, што за време на викендот се урна на Синајскиот Полуостров.

Во консултациите учествуваа националниот координатор на специјалните служби за борба со тероризмот, Министерството за внатрешни работи и авиокомпаниите.

Холандското Министерство за надворешни работи на националните авиокомпании им препорача да ги прекинат летовите од сите градови до Шарм-ел-Шејк до следната наредба. Министерството ги советува холандските туристи да се обратат до туристичките агенции каде платиле за своите патувања.

Според податоците на холандското МНР, во моментов во Шарм-ел-Шејк одмораат 408 холандски државјани.

Рускиот патнички авион „Ербас А321“, што леташе од Шарм-ел-Шејк за Санкт Петербург на 31 октомври се урна на Синајскиот Полуостров. Во несреќата загинаа сите 224 патници и членови на екипажот на авионот, од кои мнозинството беа Руси.