Македонија
26. јуни 2017 - 17:42

Хан во Скопје во мисија да ја провери реформската агенда на Владата

После сите настани што ги посведочив во оваа земја, драго ми е што можам да видам една нова динамика на настани насочени кон подобрување на животот на сите граѓани во земјата. Мојата порака денес до сите е да се сконцентрираме на задачите што претстојат. Сите одговорни актери, а тука ги вклучувам и опозицијата и судството и другите институции треба да работат на создавање модерно општество кое добро ќе функционира за добро на сите граѓани без оглед на нивната припадност.

Ова го порача еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев по присуството на тематска владина седница посветена на итните реформски приоритети за евроинтеграциите.

Тој најави дека утре во земјата ќе пристигне и Прибе со тимот на експерти кои ќе и помогнат во однос на итните реформски приоритети чија цел, како што истакна, не е да се задоволи ЕУ, туку подобрување на условите на животот за граѓаните. Ден потоа во земјава ќе пристигне и делегација од Директоратот за проширувњае при ЕК.

Еврокомесарот Хан ги пофали позитивните чекори на Владата со посетите во Бугарија и Грција бидејќи, нагласи, од суштинска важност е да се воспостават добри односи со соседите.

Премиерот Заев истакна дека Владата отвора ново поглавје во однос на реформите за евроинтеграциите, а присуството на Хан на седницата на Владата претставува силен сигнал дека евроинтеграцијата не е повеќе сон, туку реалност.

Тој посочи дека целта е земјата од Европската комисија до крајот на годината да добие позитивна оценка и чиста безусловена препорака за почеток на пристапните преговори. За таа цел  денеска пред Хан бил презентиран и Акциски план – патоказ што треба да се финализира до 1 јули со реформи во клучни области како што е владеење на правото, независни регулаторни тела, слободни медиуми што произлегуваат од Договорот од Пржино, Извештајот на Прибе, Рамковниот договор и извештаите на ЕК за напредокот на Македонија.

- Дефиниравме краткорочни, среднорочни и долгорочни цели со кои имаме намера на есен Европската комисија да ја отстрани условената препорака за почеток на предпристапните преговори, а во текот на следната година земјите членки на Унијата да ги фокусираме на дискусија за утврдување датум за почеток на предпристапни преговори на ЕУ со Македонија. Остварувањето на реформските приоритети за ЕУ ќе значи и отворање на вратите на НАТО, рече Заев.

Тој нагласи дека Владата реформскиот процес ќе го води инклузивно и ја повика парламентарната опозиција да се вклучи во предвидените реформи.

- Како Влада покажавме зрелост. Очекуваме одговорност од сите затоа што целта ни е заедничка – позитивни промени и членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Ако дејствуваме заеднички сите во државата успехот ќе биде заеднички. Тоа ќе биде успех на РМ и на сите нејзини граѓани. Тоа е врвен приоритет на Владата. Ве уверувам дека Македонија е на вистинскиот пат, на европскиот пат, рече Заев.

Еврокомесарот Хан денеска во Скопје треба да се сретне и со претставниците на политичките партии застапени во Собранието ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, БЕСА и со Алијансата на Албанците.