Македонија
22. March 2017 - 16:39

Хан и европратенците побараа почитување на волјата на мнозинството

Нови избори ќе се случат но добро е тие да бидат час поскоро- ова била пораката од ВМРО-ДПМНЕ на средбата со евро комесарот Хан и тројцата европратеници.

Од ВМРО-ДПМНЕ нагласиле дека мнозинството од македонскиот народ не може да биде оставено во опозиција и без право да учествува во раководењето и во одлучувањето за иднината на својата држава.

– Македонските граѓани се крајно револтирани затоа што не само што се крши принципот „победник со победник“, кој меѓународната заедница го наметна, туку јасна е намерата преку тоа кршење, мнозинството Македонци да одат во опозиција за да можат албанските партии заедно со СДСМ, како поразена партија поддржана од малцинството од граѓаните и особено од малцинството од Македонците, да го сменат името и идентитетот и да ја применат тиранската платформа за редефинирање до непрепознавање на земјата, и дека СЈО е главната алатка за олеснување и за спроведување на тој план, чиј креатор заборавил дека Македонија освен партии и политичари има и народ, и дека ова што се случува е „политичко силување“ на државата и на народот и неговата волја – соопштија утрово од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ по вчерашните средби велат дека пораката од Европската Унија е повеќе од јасна- брзо да се формира нова влада а претседателот да ја преиспита одлуката за недоделување на мандатот.

Во заедничката изјава која беше објавена вчера пред полноќ, Хан и европската тројка побараа да се почитува Уставот и парламентарното мнозинство.

„Повикуваме на брзо формирање на нова влада која ќе биде посветена на имплементацијата на итните реформи. Партиите и новата влада треба да продолжат со имплементацијата на сите делови од Пржинскиот договор“, соопшти делегацијата од Брисел.

„ Го охрабруваме претседателот Иванов итно да ја преиспита својата позиција, нема време за губење. Сега очекуваме сите политички лидери и институции да остават демократскиот процес нормално да тече, во интерес на граѓаните на земјата. Одолговлекувањата од минатите месеци веќе ја оштетија економијата на државата“, стои во зедничкото соопштение.