Македонија
16. December 2019 - 10:53

Групата „Вљубеници во природата” реализираа планинарски марш до врвот Чавка

Група од 60-тина „Вљубеници во природата” од Скопје го искачи врвот Чавка. Настанот се реализираше со поддршка на планинарскиот водич Љупчо Чучуковски, кој информираше дека реализацијата на оваа активност се состоеше од два дела.

– Направивме една планинарска маршута со почеток од Вила Гранит (1390 м.н.в.) под врвот Голема Чавка (1538 м.н.в), се до врвот Мала Чавка (1508 м.н.в.) каде се наоѓа и манастирот „Св.Пантелејмон” и назад во вкупна должина од пет километри. Имавме идеално сончево време без ветар, голема видливост и со температура од +10 степени, истакна Чучуковски.

Посетата на Голак завршила со заеднички ручек и дружење, како и хуманитарен дел во Вила Гранит.

– За вториот дел на акцијата посебно сме среќни бидејќи на моја иницијатива, а подржан од Глигор Урумов, одговорен на групата „Вљубеници во природата”, како и прекрасните Зорка Илијевска и Марија Ивановска собравме 6000 денари, кои ќе ги донираме на едно 7-члено семејство од едно село во Оштина Делчево, се со цел убаво да си ги поминат новогодишните и божикните празници, дополни Чучуковски.

Планинарскиот водич и претседател на ПСК „Голак” Делчево најави дека соработката со групата „Вљубеници во природата” од Скопје ќе продолжи и следната година. Планинарскиот марш до врвот Чавка воедно беше и последната активност на планинарското друштво од Делчево за 2019 година.