Македонија
14. January 2018 - 16:09

Грчева: Законот за јазиците прв чекор за промена на името и идентитетот

Законот за употреба на јазиците мора да се укине, а не да се измени бидејќи ако се примени во ваква форма, Македонија ќе го изгуби идентитетот, предупредува Солза Грчева.

Поранешната пратеничка вели дека народните избраници не смееа да поддржат закон со кој  се урива суверенитетот на државата и се понижува македонскиот народ. Овој закон е политички чекор за одржување на власта, а не реална потреба бидејќи Албанците и досега ги уживаат сите јазични права.    

Според Грчева, власта има најголема одговорност, но не смее да молчи ниту опозицијата. Носењето на закон за официјализирање на албанскиот јазик смета дека е вовед во промена на името и идентитетот, но народот мора да застане во одбрана на државните интереси и за ова прашање да се оформи национален, а не политички консензус.   

Законот за употреба на јазиците предизвика бура реакции и на социјалните мрежи. Сериозни критики упатија уставни експерти и универзитетски професори. Сите бараат итно повлекување на законот со кој албанскиот станува втор официјален јазик.

Во четврток на полноќ истекува и рокот во кој претседателот Иванов треба да соопшти дали ќе го потпише ова законско решение. Доколку шефот на државата го искористи правото на вето, законот повторно ќе се врати пред пратениците. При второто гласање ако законот биде донесен со апсолутно мнозинство, Иванов ќе мора да го потпише указот.  Во таков случај на потег ќе биде Уставниот суд.