Македонија
13. May 2021 - 16:39

Граничните службеници подготвени, се чека одлука за отворање на границите со Грција

И покрај најавите, останува непознато дали после една година и два месеци Грција ќе ги отвори границите за патничкиот сообраќај. Во моментов нема ниту потврда ниту демант на информациите дека од утре конечно ќе се отворат копнените граници. Никаква информација немаат ниту на  Богородица кој е и најголемиот и најфреквентен премин со јужниот сосед. Од таму велат доколку стаса одлука за кревање на рампите од страна на нивните колеги тие се целосно подготвени да одговорат на потребите на патниците.

,, До овој момент немаме официјално добиено никаква информација дали грчките погранични органи ќе дозволат влез на патнички сообраќај во Грција. Граничните проверки се подготвени, располагаме со доволен број на полициски службеници, материјално технички средства и се надевам дека ќе одговориме онака како што доликува на овој граничен премин како еден од најголемите гранични премини во државата, вели Јасмина Аврамска - командир на ГП Богордица. 

На прашањето за евентуалното отворање на границата од страна на Грција сличен одговор испратија и од Министерството за здравство. Од таму велат, штом се добие таква информација од страна на Владата на Република Грција јавноста веднаш ќе биде известена. Претходно од здравство информираа дека веќе е подготвен сертификатот што ќе им биде потребен на граѓаните за патување во Грција. Него ќе може да го добијат сите граѓани кои ги примиле двете вакцини против Ковид-19.