Македонија
27. February 2020 - 16:41

Граничарите со заштитна опрема ги проверуваат патниците

Со заштитни маски на лицата и заштитни ракавици, вака пограничните служби ги пречекуваат и испраќаат сите патници кои го минуваат граничниот премин Богородица на македонско грчката граница.  Со секој странски државјанин кој остварува влез во државата,  поединечно се врши посебен информативен разговор. Фреквенцијата на преминот  е вообичаена, а до денес  не бил регистриран ниту еден патник кој  сака да оствари влез, а притоа да доаѓа од критичните подрачја каде има регистрирано случаи на заразени од корона вирусот.

,, Со сите странски државјани кои што се јавуваат на влез во Република Македонија се разговара. Од каде доаѓаат, од кое подрачје, дали имаат некои симптоми, како делува нивниот надворешен изглед во однос на симптоми на грип. Што се однесува до превентивните мерки се почитуваат насоките од министерството за внатрешни работи и од министерството за здравство.  Редовно се врши дезинфекција на сите кабини на граничниот премин.,, вели Јасмина Аврамска - командир на ГП Богородица. 

Темата со корона вирусот е актуелна и во организацијата на големите манифестации како што е струмичкиот карневал.  Од карневалскиот одбор информираа  дека активностите течат по предвидената програма и за сега не предвидено негово откажување. Од таму ги  следат препораките на надлежните државни служби и ќе се однесуваат согласно истите. 

,,  Следејќи ги тие препораки одлучивме да го тераме карневалот бидејќи не сме ние во состојба да одлучиме самостојно и да шириме паника ако тоа го направиме. Бидејќи на ниво на државата е решено манифестациите да продолжат ние тераме по она што е утврдено по програма.,, вели Александар Цициманов - претседател на организационен одбор на Струмички карневал.

На оваа тема преку писмено соопштение денеска се огласи  и општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Струмица. Од таму наведуваат дека постојат реални причини за одлагање на Карневалот закажан за сабота 29 февруари и прашуваат колку е логично од една страна да се  повикуваат  граѓаните да се воздржат од небитни средби, а да организираат масовни настани  Од ВМРО ДПМНЕ повикуваа градоначалникот и организаторите уште еднаш да ја разгледат одлуката за времено одлагање на Струмички карневал 2020.