Македонија
26. October 2017 - 13:54

Граѓанскиот сектор очекува подобрена соработка и комуникација со новата Влада

Претставници на повеќе од 150 невладини организации и граѓански здруженија денеска во Охрид дебатираат за начинот на подобрување на комуникацијата на граѓанскиот сектор со Владата и државните институции, имајќи ја предвид подготвеноста на новото државно раководство да посвети повеќе внимание на секојдневните потреби и проблеми на граѓаните.

- Присуството на кадри на граѓанскиот сектор во владини институции можат да бидат начин за подобрена, поинтерактивна соработка со новите државни власти. Сметаме дека тоа е добра основа за посуштинска соработка. Тоа има свои добри, но и негативни страни. Наше е да се обидеме да ги нагласиме и интензивираме добрите и граѓанскиот сектор да успее да извлече што е можно повеќе погодности од тие промени, изјави Гонца Јаковлеска, извршен директор во Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Претставниците на граѓанскиот сектор детектираа позитивни сигнали во начинот на комуникација и соработка со новата власт во земјата, но истакнуваат дека засега е неблагодарно да се прејудицира начинот на нејзиното однесување кон граѓанското општество.

- Она што е наша обврска е да вршиме притисок за потребите на граѓанскиот сектор и очекуваме да има слух за потребите на граѓаните што ги претставуваме како нивни претставници, нагласи Јаковлеска.

Милош Димитровски, претседател на Здружението „Извор“ од Кратово, што го третира прашањето на миграцијата на младата популација од североисточниот регион на Македонија, вели дека истражувањата и направените анализи ги детектираат нискиот животен стандард и проблемот на вработувањето како главни причини за одливот на младите од тие делови на државата.

- Во изготвената студија од истражувањето наведени се нашите препораки и визија за потребните активности за спречување на таквата појава. Локалните и централната власт треба своите активности да ги насочат кон подобрување на стандардот на животот во заедницата, преку овозможување подобри услови за работа на малите и средните претпријатија, истакнува Димитровски.

Претставниците на граѓанските здруженија ја нагласуваат потребата од поголема посветеност кон подобрување или зголемување на граѓанскиот активизам и поинтензивно поврзување со самите граѓани бидејќи смислата на постоење на граѓанските организации и здруженија произлегува од граѓаните и нивните конкретни потреби и интереси.