Македонија
21. January 2022 - 10:03

Град Скопје: Сите булевари и улици се чисти и проодни, продолжуваат активностите на зимската служба

Екипите на зимската служба од ноќеска и утрово се на терен и ги чистат булеварите и улиците под надлежност на Градот, и тие се чисти и проодни. Од почетокот на врнежите на снег до сега се фрлени 300 тони индустриска сол, информираат од Град Скопје.

Чистењето на сообраќајниците и тротоарите го вршат екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта“, на располагање е и механизацијата на преостанатите јавни градски претпријатија.

– Покрај чистењето на сообраќајниците, активни се и тимовите и на преостанатите градски јавни претпријатија кои интервенираат со луѓе и со механизација во чистењето на јавните површини, расчистување на паднатите дрвја и на сливниците, стои во соопштението.

Од Град Скопје дополнуваат дека активностите на зимската служба продолжуваат и во текот на денешниот ден и истите, како што велат, ќе интервенираат според потребите, согласно со условите на теренот.

Оттаму препорачуваат на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите.

– Потсетуваме дека индустриската сол има ефект до -7 степени Целзиусови и поради ниските температури можно е појавување на голомразица на коловозот и апелираме на голема внимателност во сообраќајот, велат оттаму.

Дополнително, апелираат до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти.