Македонија
27. May 2022 - 16:36

Голема полициска акција против дрвокрадци во Прилеп

Девет дрвокрадци од Прилеп, најстариот 58 години а најмладиот 24, се лишени од слобода, како и 7 малолетни лица, во големата полициска акција „Гора“ која вчера се одвиваше во месноста Борула, кај планинскиот премин Дервен, во близина на Прилеп. Акцијата е изведена со голем број припадници на СВР Битола, ОВР Прилеп, СВР Велес, Одделиите за криминалистичка полиција и специјални полициски операции, а со подршка на ЈП Национални шуми. Во акцијата одземени се и поголем број возила со кои се пренесувале дрвата, коњи, моторни пили и други орудија од дрвокрадците. Исто така уништени се и шталите во целиот овој регион каде дрвокрадците ги чуваа коњите, кои служат за носење на дрвата до возилата.

„Пронајдени и одземени се шест патнички моторни возила, натоварени со дрва.Одземени се и шест моторни пили, 15 коњи и дрвна маса од околу 45 метри кубни. Одземената дрвна маса и одземените возила се предадени на шумочуварската служба на ЈП Национални шуми, а додека одземените коњи, со наредба од Основно јавно обвинителство, се предадени на Агенцијата за одземен имот“, вели Сања Стаматовa, портпарол на СВР Битола.

Во моментов лицата лишени од слобода се наоѓаат во ПС Прилеп, а по документирање на службениот материјал ќе им биде поднесена кривична пријава „Пустошење на шуми“ и ќе бидат предадени на Обвинителството. А додека малолетните лица, кои дрвокрадците ги користат како чувари и набљудувачи додека илегално сечат, се пуштени на слобода.

Инаку Прилеп е еден од регионите во Македонија каде дрвокрадството е најмногу развиено. За последниве 30 години уништени се цели планински региони, кои сега за жал наликуваат на пустини. Од МВР велат дека засилено ќе продолжеле со вакви големи акции за сузбивање на овој криминал.