Македонија
11. јуни 2021 - 21:16

Глутници кучиња напаѓаат медицински персонал и пациенти во Клиничкиот центар - лекарите бараат решение

Како да не е доволен проблем пандемијата и грижата за болните вработените во Клиничкиот центар и граѓаните кои одат таму на доктор, треба да се пазат и од кучиња скитници. Проблемот особено е изразен во подоцнежните часови кога има помала развиженост, со што кучињата добиваат поголема смелост и сила. Нашата камера лоцираше една од глутниците во близина на одделот за Каридологија. Но граѓаните преку социјалните мрежи реагираат дека има повеќе табора, кои преку ноќ меѓусебно жестоко се борат. За проблемот преку фејсбук, алармираше и докторот Нико Беќаровски.

Првиот човек на Министерството за здравство вели дека не е запознаен дека во моментов во Клинички повторно царуваат кучињата.

Директорката на јавното претпријатие Лајка, Тина Петрушевска која не сакаше да ја снимаме, во порака само ни напиша дека веќе интервенирале на локацијата, но дека не можат ништо повеќе да сторат.

Во координирана акција, во неколку наврати се заловени и третирани кучиња од Клинички. Дел од нив ги вдомивме, а дел ги вративме на матичната локација согласно законот за благосостојба на животните. Во континуирана комуникација сме со вработени од Клиничкиот центар кој се грижат кучињата секогаш да имаат храна и вода и во моментов немаме активна пријава за таму.

Во моментов нема законска можност за трајно стационирање. Но можам да посочам дека работиме во насока за изнаоѓање на долгорочно решение со цел минимизирање на можни напади и гаранција за безбедноста на нашите граѓани.

За проблемот, реагираат и адвокатите, кои месечно имале и по 60 отворени предмети против ЈП Лајка, од граѓани кои тужеле, поради напад од куче.

Дека темпото со кое работи Лајка ни одблизу не ја гарантира безбедноста на грааѓните, говорат и податоците на МВР. Од почетокот на годината па до сега само во Скопје имало 321 пријави. Потоа следи Охрид со 117 и Тетово со 70 пријави.

Бројот на граѓани кои пријавиле дека биле каснати од куче скитник во периодот од 01.01.2021 до 10.06.2021 година е:

- СВР Куманово 10

- СВР Скопје 321

- СВР Охрид 117

- СВР Битола 48

- СВР Штип 21

- СВР Струмица 6

- СВР Велес 53

- СВР Тетово 70

Од град Скопје, пак, велат дека речиси сите тужби завршуваат во полза на граѓаните, а годишно од буџетот се издвојуваат околу 100 000 евра за обесштетување на оние кои биле каснати од куче.