Македонија
14. July 2020 - 16:54

Гласањето во затворите тече без проблеми

Вообичаено гласаат први, на овие избори после заразените со корона. Затворениците и лицата во домашен притвор денеска го користат правото на глас. Според податоците на државната изборна комисија гласаат вкупно 1657 лица.

Во истражниот затвор „Скопје“ каде освен осудени, сместени се и најголем дел од притворените, за гласање биле пријавени 159 мина но дел ја отслужиле казната па избирачкиот список бил затворен со вкупно 136 лица. Гласањето се одржува под строги здравствени критериуми - затворениците носат маска, а при влез е задолжителна дезинфекција на рацете.

Според податоците на ДИК, најмалку гласачи има затворот во Крива Паланка – таму за гласање биле пријавени седуммина.

Изборен процес се спроведува и во најголемиот затвор во државава, КПУ Идризово, таму право на глас денеска имаат вкупно 854 затвореници.

Избирачкото ливче, затворениците го внесуваат во коверт па потоа во гласачката кутија. Запечатениот гласачки материјал, ќе биде испратен во општините од каде потекнуваат затворениците па нивните гласови ќе се бројат утре по завршување на изборниот ден.