Македонија
6. March 2021 - 17:08

Гевгелија бара дозвола за воведување на полициски час

Состојбата со ковид позитивни случаи во Гевгелија станува алармантна. Дневните извештаи секојдневно бележат двоцифрени бројки, а капацитетот на новиот модуларен ковид центар веќе е исполнет до последното место. Дополнителен проблем претставува и намалениот број на персонал бидејќи голем дел од здравствените работници се наоѓаат во изолација.

,, Креветите се преполни, се чека ред за кревет. Персоналот е преполовен затоа што веќе се знае, колку и да се почитуваат мерките кога има итни случаи имаме и интервенции брзи и поголем дел од персоналот веќе е заразен, да си бидеме на чисто, нема дискусија. Ние се пребројавме колку сме , шест седум лекари во ковид центарот да одржуваат 24 часа, седум дена во неделата тешко. Значи ако продолжи овој тренд ќе биде опасно.,,вели д-р Сашко Олумчев - епидемиолог

Поради зголемениот број на позитивни кај медицинскиот персонал гевгелиската болница го намали и обемот на работа. Извесен период физикална терапија нема да работи, а на хирургија ќе се вршат само итните операции. Персоналот ќе ротира на одделенија каде ќе има најмногу потреба.

Непочитувањето на мерките, пред се од младите кај кои во последно време се почесто се потврдува вирусот е главна причина за влошената епидемиолошка слика. Поради тоа заседаваше и кризниот штаб. Најавија повеќе локални мерки за заштита, а од републичкиот бараат полициски час во општината.

,, Имаме две барања до централниот кризен штаб околу јавниот превоз, неговото организирање, начинот за процентот и бројките и околу воведување на ограничување на движење од 21 и 30 часот до 5 часот наутро.,, вели Сашко Поцков - Градоначалник на Општина Гевгелија

Само вчера во Гевгелија беа регистрирани нови 22 ковид позитивни пациенти. Со нив бројката на активни случаи се искачи на 225.