Македонија
16. September 2021 - 16:50

Германските истражители почнаа со работа во Тетово

Со скафандери и специјална крим опрема форензичарите од Германија влегоа во опожарената модуларна болница во Тетово. Од 9 часот утринава подготвени со сопствена опрема го почнаа увидот заедно со тимот форензичари од МВР и јавните обвинители од Скопје и Тетово. Прибираа доказен материјал и за цело време фотографираа. Беа поделени од двете страни на модуларната болница. Двајца од тимот се за истрага на пожар, а двајца се форензичари за ласерско мерење и фотографирање на просторот.

Сите докази кои ќе ги соберат ќе ги вештачат и анализираат во германска лабораторија. Резултати нема ниту од досегашниот увид кои го вршеа македонските екипи. Од обвинителството не откриваат колку време ќе останат германските форензичари ниту што се ќе им биде потребно за да помогнат со експертизата.

Од ОЈО за Сител кратко ни соопштија: „Во тек е прибирање на вербални и материјални докази со кои треба да се утврди причината за настанатиот пожар“.

Додека го следевме увидот на германскиот тим, забележавме еден од форензичарите како разговара со вработени во тетовската болница, но дали станува збор за прибирање информации од лекари и пациенти кои биле во објектот, засега нема потврда.

Германскиот тим работеше под силно полициско обезбедување а пристап до објектот за цивили но и за медиуми не е дозволен.

Од 12 повредени во пожарот 8 се пуштени на домашно лекување, а останатите 4ца се во стабилна состојба но се уште во болница. Лекарскиот тим кој бил на дежурство во кобната ноќ, е вратен на работа и се во добра здравствена состојба. Деновиве е намален бројот на хоспитализирани во тетовската болница.

Во катастрофалниот пожар во тетовската модуларна болница загинаа 14 луѓе. Пожарот избувна вечерта на 8ми септември, кога за неколку минути беше проширен и го пеплоса целиот објект.