Македонија
7. February 2023 - 16:34

Фудбалерот Станковски во последен момент се спасил од разорниот земјотрес во Газиантеп

Двата слободни дена од клубот го спасија од катастрофалниот земјотрес младиот фудбалер Лука Станковски кој игра во Газијантеп. По натпреварот во Анталија, 20 годишниот спортист во неделата наутро се вратил во родното Скопје.

-Јас прво сакав да одам во Газијантеп, ни кажаа дека ќе летаме преку Истанбуил, прво ќе одиме во Истанбул па во Газијантеп и бев на пола пат од Скопје и се одлучив да одам дома. И за среќа го избегнав земјотресот и не сум доживеал стрес. Кога беше земјотресот сум добил многу пораки, јас спиев и бев во Скопје. Сите ми пишуваат далчи сум добро и станувам и незнам што е работата, што се десило и после отварив и што да видам, стварно трагедија,  изјави за Сител фудбалерот Лука Станковски.

Македонскиот фудбалер кој една година живее и настапува за Газијантеп, вели дека за време на серијата земјотреси во градот биле 3 -ца негови соиграчи и стручниот штаб. Тој постојано е во комуникација со нив.

-Во контакт сум, моментално денеска спиеле во теретаната, ситуацијата е многу лоша“, вели младиот фудбалер Лука.

Иако епицентарот на најсилниот земјотрес од 7.8 степени според Рихтер вчера наутро бил на само 30 километри од Газијантеп, според информациите на младиот фудбалер во овој град иако има урнатини, штетата била помала за разлика од останатите места во Јужна Турција.

-За среќа има новоградби и се гради во градот, за разлика од другите градови Малатија, Кахрамармараш, повеќе има староградби и е многу лоша ситуацијата, вели Лука Станковски.

Лука кој е дел и од младата македонска фудбалска репрезентација до 21 година вели дека од клубот ги известиле во петок да се вратат во Газијантеп и да продолжат со тренинзите.

-Но каква е ситуацијата, аеродромот е затворен, тешко дека ќе можеме во петок да дојдеме на тренинг, вели Лука.

Лука посакува Турција, но и Сирија што поскоро да се изборат со последиците од катастрофата за да може повторно да се врати на фудбалските терени.