Македонија
6. March 2021 - 17:02

Филипче најавува вакцинација за граѓаните од среда

Утре во 14 часот во Македонија треба да стигнат првите 3.000 вакцини од Русија. Специјалната пратка преку ДХЛ ќе биде донесена на скопскиот аеродром, а потоа ќе ја транспортираат во Поликлиниката Јане Сандански каде се подготвени фрижидерите за чување на Спутник В на -20. Министерот за здравство најави дека имунизацијата на граѓаните ќе почне во среда. Ќе бидат заштитени 3.000 лица од ризичните категории кои се во приоритетната група. За истите втората доза треба да стигне за 3 недели. Со оваа количина нема да се вакцинираат здравствени работници.

-Многу веројатно дека во среда ќе почне вакцинацијата, а утре треба да пристигне на Скопскиот аеродром околу 14 часот. Ги добивме од руската компанија сите потребни документи за да се подготви административната процедура во Агенцијата за лекови, што значи увозна дозвола и сега во текот на викендот и непосредно по доаѓањето и дозволата да се стави во употреба, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

И од МАЛМЕД најавија дека целата административна процедура ќе ја завршат до среда. Вчера Комисијата при агенцијата одобрила интервентен увоз на руската вакцина. Документацијата за секој производител е различна вели директорот. За разлика од Фајзер која има зелено светло од Европската агенција за лекови, Спутник В е во фаза на разгледување за одобрување.

-Има разлика, различна е документацијата за вакцината која е одобрена од Ев ропската агенција за лекови и конкретно за вакцината од Русија. Ние за Спутник дадовме дозвола за увоз, изјави Лирим Шабани, директор на МАЛМЕД.

Македонија од Руската компанија набавува 200.000 вакцини. За директните договори со Астра Зенека за исто толку дози Филипче не сакаше да обелоденува детали, но се надева дека од Англија наскоро ќе стигнат првите количини. За Кинеската вакцина рече дека се завршени административните работи, но се уште нема термин кога ќе стигне во земјава.