Македонија
12. November 2019 - 12:19

Филипче: На Детска клиника за првпат се употреби лекот „Спинраза“

На десетмесечно бебе со спинална мускулна атрофија вчера на Универзитетската клиника за детски болести му е даден лекот „Спинраза“. Станува збор за прва примена на овој најнов лек во нашата земја, кој се користи за третман на децата и возрасните пациенти кои ја имаат таа болест. Оваа најсовремена терпија се дава во најразвиените земји во светот, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, кој ја посети таа јавна здравствена установа.

– Десетмесечното бебе кое во текот на вчерашниот ден ја прими терапијата се чувствува добро. Останатите шест деца со соодветен распоред ја добијат терапијата. Се надеваме дека ќе има добар ефект, односно дека прво ќе се запре прогресијата на таа болест, која драстично ја влошува здравствената состојба на децата, а има можност таа да се подобри и тие дечиња кои не може да одат да можат да застанат на нозе. Буџетот за сите седум деца изнесува 120 милиони денари и со ова вкупниот буџет на програмата за ретки болести надминува 500 милиони денари, кој на крајот на 2017 година изнесуваше 280 милиони денари, рече Филипче.