Македонија
4. October 2022 - 16:47

ЕУ очекува опозицијата да превземе одговорност за европската иднина на државата

Само со политичка волја но и многу работа Македонија може да ја оствари поставената цел- членство во ЕУ до 2030-та.

Од делегацијата на ЕУ во Скопје брифираат за текот на скрининг процесот кој треба да заврши овој период следната година- тогаш, Македонија ќе треба да донесе одлука дали ќе ги внесе Бугарите во Уставот и ќе продолжи со отпочнување на преговорите. Европските делегати во земјава се во постојана комуникација со опозицијата, од која очекуваат да го превземе својот дел од одговорноста и да не ја кочи европската иднина на државата.

Додека го чека своето место во европското семејство, Македонија во четврток ќе присуствува на првиот состанок на Европската политичка заедница во Прага, проект за зголемување на соработката кој го иницираше францускиот претседател Макрон. Фокус на состанок на кој покрај земјите членки, поканети се и 17 држави аспиранти ќе биде енергетската криза во Европа, со цел ниту една држава да не биде оставена сама да се справува со тешката енергетска зима.

Од делегацијата на ЕУ велат дека ги следат и провокациите кои пристигнуваат од Бугарија преку отворањето на културни здруженија кои носат имиња на фашистички соработници, но засега остануваат без официјана реакција. Оттаму посочуваат дека нивниот фокус е иднината, а не минатото.

Последно во низата бугарски здруженија е најавеното отворање на центарот Цар Борис трети во петок во Охрид. Името на овој центар испровоцира и организирање на протес закажан 30-тина минути пред свеченото отворање на кое се поканети и високи функционери на Бугарија.