Балкан
27. February 2025 - 14:54

ЕУ апелира на воздржување од провокативна реторика и активности по вчерашната пресуда за Додик

ЕУ ги повикува сите политички актери во Босна и Херцеговина да се воздржат и да се откажат од провокативна реторика и активности кои поттикнуваат поделби, вклучително и од доведување во прашање на суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на земјата, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни во врска со вчерашната пресуда за претседателот на Република Српска, Милорад Додик.  

– ЕУ очекува сите политички актери во Босна и Херцеговина да ги прифатат одлуките на судовите и да ги почитуваат нивната независност и непристрасност, без да вршат притисок или да се мешаат, рече Ел Ануни.

Тој додаде дека Европската Унија недвосмислено е посветена на опстојување на Босна и Херцеговина како единствена, обединета и суверена држава, потсетувајќи дека во одлуката за отворање на преговорите за членство на земјата во ЕУ во март минатата година, Европскиот совет ги охрабри сите политички актери да се фокусираат на европскиот пат во корист на граѓаните, од кои големо мнозинство ја поддржуваат интеграцијата на БиХ во Унијата.

Во однос на поддршката за Додик по пресудата, изразена од српскиот претседател Александар Вучиќ, од унгарскиот премиер Виктор Орбани и од Русија, Ел Ануни изјави дека ЕУ очекува од своите меѓународни партнери, вклучително и од Србија, да бидат подеднакво посветени на европската перспектива на Босна и Херцеговина како единствена, обединета и суверена држава.

Судот на Босна и Херцеговина вчера го прогласи Додик за виновен по обвинението за непочитување на одлуките на меѓународниот висок претставник за БиХ, Кристијан Шмит и го осуди на една година затвор. За истото дело беше обвинет и поранешниот в.д. директор на „Службениот весник на Република Српска“, Милош Лукиќ, но Судот го ослободи од обвинението. И обвинетите и Јавното обвинителството имаат право на жалба на ваквите пресуди.