Македонија
10. April 2020 - 16:49

Епидемијата од корона вирусот ја урна цената на македонското јагне - сточарите бараат помош

Корона вирусот ја урна и цената на македонското јагне. Ако околу Нова година и Божик тоа се продавало по 180 денари за килограм, на 1 март цената паднала на 150 денари, сега тоа се продава по околу 100 денари, а некои откупувачи плаќале и по само 90 денари. Сточарите бараат од државата да им покрие дел од загубите во цената.

„Цената е испод 100 денари, јагнето стои. Ако се прави за мене муабет јас моментално сум во загуба 5 до 6 тони на јагне, по 50 денари нека биди најмалку, тоа се 4.000 илии 5.000 евра пари, толку нас ни е заработувачката“, вели Игор Костадиноски, сточар.

„Од лани до годинава имаме некаде по 1.000 денари на јагне загуба, лани беше 150 денари цената, сега е 100 денари за килограм“, кажа Иле Петкоски, сточар.

Велат дека со години наназад се намалува бројот на овци во Македонија, а оваа криза ќе предизвикала вистински крах на оваа стопанска гранка доколку не добие државна помош. Сточарите се благодарни на субвенциите, но велат дека тие не биле доволни да се покрие загубата.

„Неможеме да ги покриеме ниту трошоциите со оваа цена, кај ни се работниците, каде ни е храната, затоа ако можи на оваа тешка ситуација што ни е на цел свет, државата да ни помогне да не дообештети“, истакна Марјанчо Стојаноски, потпретседател на здружение на сточари на Пелагонија.

„Оти сточарството гини, ние сме уште од постарата генерација која чува, младите денес не чуваат овци. Бараме да се плати барем 130-140 денари и државата да доплати плус, да дојди до окоу 175 денари барем“, вели Живко Петкоски, сточар.

Поради застојот на извозот дел од јагнињата сега биле потешки, странците ја користеле таа ситуација и јагнињата од кланиците ги откупувале како 3 и 4 класа. Сточарите се надеваат на што поитна реакција на државата.