Македонија
6. December 2019 - 16:42

Епидемија на морбили нема, невакцинираните деца и натаму надвор од образовниот процес

Министерствата за образование и за здравство се уште не донеле заедничка одлука што ќе прават со невакцинираните деца кои не одат во училиште. По одјавување на епидемијата од морбили која траеше една година се уште е нејасно дали 200-те првачиња кои не беа вклучени во образовниот процес бидејќи немале уредни вакцинални картони ќе седнат во училишните клупи. Но и како ќе биде надоместено нивното тримесечно губење на наставната програма. Здравствените власти велат дека мора да се почитува законот за задолжителна имунизација, додека, пак, во Уставот стои  дека основното образование е задолжително за сите.

Комисијата за заразни болести доставила препорака до двете министерства да најдат решение бидејќи повеќе нема противепидемиски мерки на сила.

И додека надлежните преговараат, група на родители чии деца останаа надвор од училиштата уште во семптември поднесоа тужба пред Управниот суд и кривични пријави против Адеми и Филипче поради злоупотреба на службената положба. Нивниот правен застапник, адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека се уште чекаат одговор на пријавите од Управен суд и од Обвинителството и доколку добијат негативен одоговор правдата ќе ја бараат и во Стразбур.

 За во градинките и во иднина нема да има упис на деца без примените задолжителни вакцини откако од труд и социјала направија промени во правилникот.