Македонија
13. July 2020 - 16:46

Екс директорката на кожната клиника седна во судница

Наместо да ја плати казната од 10 илјади евра, екс директорката на кожна клиника која криеше дека е заразена од корона, денеска седна на обвинителна клупа.

Докторката Нина Цаца Билјановска е обвинета за ширење на заразна болест. Обвинителството првично и изрече казна од 10 илјади евра, но неплатениот казнен налог сега е обвинителен акт. Денешното рочиште против Билјановска се одложи бидејќи нејзината одбрана се уште ги чека доказите од лекарската комора, здружението на дерматолози и скопските клиники. Следното рочиште е закажано за 17 септември.

Билјановска беше 4тиот пациент позитивен на корона вирус со земјава, но нејзиното неодговорно однесување предизвика бурни реакции во јавноста. Вратена од скијање во Италија и со симптоми на корона вирусот Билјановска неколку дена одеше на работа, прегледуваше пациенти, а присуствуваше и на меѓународен симпозиум. Откако се утврди дека е позитивна на вирусот, Клиниката за кожни болести со месеци беше затворена, а нејзините колеги завршија во излоација.   

Билајновска беше експресно разрешена од директоската позиција, а лекарската комора ја чека правосилната пресуда за да одлучи дали ќе и биде одземена лиценцата за работа. Во меѓувреме, Билајновска минатата недела се врати на своето работно место на Клиниката за кожни болести.