Македонија
31. January 2023 - 16:31

Една година Влада: Како се справуваме со енергетската криза?

Кризата ја менаџираме успешно, домашното производство е зголемено, а со засилени инвестиции ја правиме првата енергетска трансформација во регионот, рече премиерот на конференцијата „Година на нови можности“ по повод една година од неговото владеење. Тврди дека се прават напори струјата да не поскапи.

„Работиме на тоа да нема зголемување, во одредени сегменти можно е и намалување на цената. Основна стапка е производството на електрична енегија. Минатата година ЕСМ успеа да го зголеми производството за 20% во однос на претходната година. За годинава повторно е најавено зголемено производство. Драго ми е што видовме податок дека во текот на вчерашниот ден се произведени над 21 илјада мегават часови струја што е најголемо производство во последните 10 години“ – Димитар Ковачевски, премиер.

Во моментов користиме изворен гас од САД и Северна Африка, а во втората половина на февруари ќе се отвори јавен повик за изградба на интерконекторот, најави министерот за економија.

„Природниот гас којшто во моментов се увезува е од Турција и Грција, што значи дека имаме различни извори од тоа што сме имале претходно и не сме зависни од еден извор како што беше Гаспром“ – Крешник Бектеши, министер за економија.

Првиот човек на ЕСМ признава дека во моментов плаќаме повисока цена за гас од берзанската. Гасот од „Балкан Јутилитис“ не чини 98 евра, а цената на берза е околу 60 евра. Директорот вели состојбата е непредвидлива.

„Ние склучуваме договор со фиксна цена и нема можност за промена. Ако падне цената, но исто така, и ако се зголеми цената ние ќе плаќаме исто. Во моментов, да, пониска е цената на берзите, има тенденција на паѓање, но да не заборавиме дека на берзите се случуваат енормни скокови преку ноќ“ – Васко Ковачевски, директор на ЕСМ.

Според експертите, пак, сметаат дека за некој месец вишоците струја ќе мора да ги продаваме. Потребни батериски системи за што е неопходно прецизирање на законските можности.

Целта на дводневната конференција беше да се направи пресек на сработеното минатата година и да се претстават плановите кои треба да се реализираат годинава.