Една деценија Француски филмски фестивал во Македонија

Со филмот „Музиката на Џанго“ за џез-музичарот Џанго Ренар, кој го отвори и годинашното Берлинале, утревечер во кино „Милениум“ ќе почне 10-тиот Француски филмски фестивал кој го организира Францускиот институт во Скопје.
Поради јубилејот, фестивалот годинава ќе гостува во десет градови низ Македонија. По свеченото отворање во главниот град, овој месец фестивалот ќе гостува со по три филма во Народниот театар во Велес (16-18 јуни) и во Центарот за култура во Прилеп (21-23 јуни). По летниот период ќе продолжи со филмски ревии во други градови и ќе заврши во ноември на фестивалот „Синедејс“ со познати гости.
Директорката на Францускиот институт-Скопје Изабел Марки-Марбо на прес-конференција рече дека во изминатата деценија се прикажани околу сто филма со повеќе од 60 почесни гости од филмскиот свет од Франција кои имале средба со македонската публика. Беа прикажани филмски остварувања кои добиле престижни награди во Франција или на фестивалот во Кан.
Таа рече дека на Фестивалот на француски филм, кој почна во Охрид, а потоа се прошири во Скопје, гостувале актери, режисери, продуценти, со што се создала врска меѓу синеастите од Македонија и Франција. Пред утрешното отворање на фестивалот, во „Милениум“ ќе биде отворена изложба на портрети од најзначајните гости во изминатите 10 години направени од фотографот на фестивалот Милан Стрезовски.
- Фестивалот на францускиот филм го афирмира својот идентитет на ангажиран фестивал, отворен, пристапен фестивал кој на некој начин е огледало на современиот момент во општеството. Програмата што ја подготвивме е отворена кон широката публика - има многу успешни филмови, сето она што ја прави силата на францускиот филм денес. Во рамки на фестивалот се одржаа и низа професионални средби на кои беа воспоставени засилени соработки во областа на филмот и дојде до копродукции меѓу Франција и Македонија, а тоа е една од мисиите на Францускиот институт, рече Марки-Марбо.
Филмската критичарка Сунчица Уневска се осврна на француската кинематографија во изминатите десетина години, појавата на францускиот нов бран со Гаспар Ное и Метју Касовиц..., цитирајќи ја актерката Жилиет Бинош дека моќта на француските филмови е во разновидноста на темите кои се секогаш актуелни.
- Француската кинематографија е една од најсофистицираните, чија продукција е исклучително жива. Таа успева да зборува за актуелни, но понекогаш и за стари теми, но од нова перспектива. Не треба да се заборави дека француските филмови се дел од најпрестижните фестивали - годинава Берлиналето го отвори „Музиката на Џанго“ - филм за пионерот на европскиот џез, Канскиот фестивал исто така беше отворен со француски филм, а во Кан годинава триумфираше францускиот „Сто дваесет отчукувања во минута“. Добро е што за јубилејот ќе има ревии на француски филмови и што публиката низ цела Македонија ќе има можност да ги погледне, додаде Уневска
Ново на Сител
-

Пет земји од ЕУ предлагаат привремено ограничување на правото на глас за идните земји членки
-

Ристовски: Фудбалскиот камп на AC Milan во Скопје е ретка можност за нашите млади спортисти да учат од европските гиганти
-

Во полициска акција во БиХ уапсени 13 лица, запленети оружје и експлозив
-

МВР: Автомобил во движење се запали на булеварот „Јане Сандански“
-

Вкупно пет пријави за семејно насилство во последното деноноќие, две лица уапсени
-

Ученичка извршила напад со нож во училиште во Манчестер, повредени три лица
-

Стефан Богоев излегува од притвор, судот ја прифати гаранција од 55 илјади евра
-

Груевски: Ретко демантирам, но никогаш не сум се сретнал и не сум разговарал со Александар Маленко
