Македонија
3. August 2020 - 16:46

Џафери си замина од Инфективна, Собранието подготвено за новите станари

Досегашниот спикер Талат Џафери ќе претседава со конститутивната седница на собранието. Денеска заврши неговото болничко лекување.

„Собранискиот спикер во заминување Талат Џафери денеска точно напладне ја напушти инфективната клиника. Овде беше хоспитализиран поради пневмонија на 24-ти минатиот месец. Неговите тестови за коронавирус биле негативни“

Конститутивната седница на новиот парламентатен состав е закажана за утре во 12 часот. Поради корона кризата, таа ќе се одржува под строги епидемиолошки критериуми, велат од собранието.

„На секој што утре ќе влезе во собранието ќе му биде мерена телесна температура а ќе треба да ги дезинфицира и рацете.. За одржување на физичка дистанца, законодавниот дом ќе ги отври сите влезови“

Наместо во салата Македонија, конститутивната седница ќе се одржува во големата купола. Епидемиолозите утврдиле дека таму може да се запази физичката дистанца од два метри. Техничките услови не дозволуваат гласањето да се одвива електронски, па новите пратеници ќе гласаат со подигнување лист во боја.

„Денеска е забранет влезот во салата каде во текот на утрешниот ден ќе се одржува конститутивната седница на новиот собраниски состав. Собраниските служби информираат дека денеска е направена дезинфекција на просторијата и таа ќе остане затворена се до почеток на седницата“

Гостите кои се поканети да ја следат конститутивната седница ќе бидат сместени во пленарната сала. Ресторанот и собраниското бифе нема да работат.