Македонија
25. May 2022 - 16:31

Џафери не гледа потреба за извинување, опозицијата размислува за интерпелација

Пцовките не беа наменети за службениците туку за нивната работа. Вака Собранискиот спикер денеска на брифинг со новинарите ја објасни ситуацијата во која тој се слушаше како со навредливи зборови и пцости се обраќа кон вработени во Собранието.

Вели имале грешка која можела да влијае врз текот на седницата.

„Ако не увидев таква грешка, можеше да доведе во ситуација да не може да се поврати седницата. Собранието одлучува по дневниот ред. Такви материјали значеа седницата да се врати назад“, тврди Џафери.

Ги обвини службениците дека наместо на своите работни места, поголем дел од денот биле надвор од Собранието. Вели дека со пцовките не го прекршил етичкиот кодекс и не чувствувал потреба да се извини.

„Немам објаснување во смисла на објаснување. Јас сум претседател на Собранието и со Деловник е пропишана мојата надлежност. Треба да создадам услови и предуслови за работа. И, ако некој смета дека службата треба да ја помине на ул. Македонија, претпоставувам дека граѓаните не сакаат таква служба“, рече Џафери. 

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ размислуваат за интерпелација на Џафери, но велат првин ќе го чекале исходот од собраниската комисија која треба да утврди дали претседателот на Собранието го прекршил етичкиот кодекс. Делови од пцовките пак беа декор на прес конференцијата на пратеничката група.

„Крајно е недозволиво токму од човекот кој што прв го потпишал етичкиот кодекс за однесување во Собранието, најгрубо да го крши и да бега од одговорност и заедно со пратениците од власта да пробуваат на секаков можен начин да го скријат под тепих овој скандал. Џафери, најмалку што можеше е да се извини за ваквото однесување и да си поднесе оставка од функцијата Претседател на Собранието“, изјави Дафина Стојановска, ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ велат, собраниските служби имале пофални зборови за Џафери, а тој важел и за најдобар претседател досега. Дали треба да сноси одговорност, велат ќе се утврдело во комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања.

„Има комисија каде ќе се расправа дали е тоа господинот, има вина, дали тоа го направил, така што не би излегувала, не би зборувала ништо доколку во комисијата во која што и самата сум заменик член, не дискутира по тоа прашање“, изјави Даниела Маркоска, СДСМ.

Засега не е закажана комисијата која треба да го разгледува однесувањето на Џафери. Претседателот на мандатно-имунитетна, Панчо Минов, во телефонски разговор за Сител рече дека комисијата ќе се одржи утре или задутре.