Македонија
18. August 2017 - 16:27

Џафери му одговори на Заев: Предлогот за пратенички прашања по локалните избори

По завршувањето на локалните избори ќе се реализира идејата за поставување пратенички прашања на почетокот на новосвиканата седница во времетраење од еден час. За оваа цел ќе бидат донесени измени во Деловникот кој досега предвидуваше одржување посебна седница за пратенички прашања секој последен четврток во месецот.

Ова е одговорот на претседателот на Собранието Талат Џафери на барањето на премиерот Зоран Заев за неделни тематски пратенички прашања во траење од еден час.

- Собранието во Деловникот го има регулирано прашањето на пратеничките прашања, а идејата, односно подготвеноста на Владата за целосна транспарентност и надзор да се овозможи поставување на пратенички прашања на почетокот на новосвиканата седница во времетрање од еден час, Ве уверувам ќе се реализира по завршувањето на локалните избори. Парламентарните партии на координација ќе го усвојат заклучокот кој ќе биде изготвен од работната група раководена од моја страна, искуствата од примената на заклучокот ќе бидат преточени во Деловникот на Собранието. Убеден сум дека во изнаоѓањето решенија за пратеничките прашања активно ќе учествуваат и претставници на Владата, наведува Џафери во писмото до Заев. 

Според него, транспарентноста и приближувањето до граѓаните е обврска на избраните претставници од граѓаните, пратеници на кои граѓаните им го довериле суверенитетот.

- Со донесувањето на законите и останатите акти од надлежноста на Собранието, ние, пратениците треба да ја оправдаме добиената доверба која не обврзува да ги исполниме очекувањата на граѓаните, а во тоа огромна е одговорноста и на Владата, посочува Џафери.

Спиекрот ги поздравува, како што наведува, транспарентноста, отвореноста и решителноста за реализација на планот 3 - 6 - 9, а со тоа и целосната вклученост на Собранието во реализацијата на процесот за полноправно членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО.

- Надзорната функција на Собранието и на работните тела на Собранието мора да биде редовна и рутинска, во најголем обем и транспарентна, во насока на целосната информираност на пратениците, бидејќи ние во нивно име и за нив ги носиме одлуките. Безбедносните и разузнавачките служби мора да подлежат на редовна и рутинска контрола од надлежните работни тела на Собранието, наведува спикерот.

За оваа цел, информира, основал и ќе раководи со работна група составена од пратеници од сите парламентарни пратенички групи.

- Се надевам дека по завршувањето на локалните избори ќе имаме насоки и решенија за непречена, редовна и рутинска и надзорна функција на Собранието и на надлежните работни тела. Дозволете ми да напоменам дека на средбите на работната група ќе ги поканувам, а убеден сум дека активно ќе учествуваат и претставници на Владата и на безбедносните и разузнавачките служби, истакнува Џафери во одговорот до премиерот.

Граѓанското општество, дополнува, треба и мора да биде коректор, да ги надгради и придонесе законите и актите што ги донесува Собранието.

- Деловникот на Собранието ќе се измени и дополни во членовите кои го регулираат учеството во работата на работните тела на научни, стручни и јавни работници со обврска на седниците на телата да се канат, а со тоа и активно да учествуваат претставниците на граѓанското општество. Деловникот на Собранието исто така ќе се дополни, а со тоа ќе се овозможи работните тела да одржуваат подготвителни седници на кои ќе се канат и ќе учествуваат претставниците на граѓанското општество, информира престедателот на Законодавниот дом.

Укажуа и дека Клубот на пратеници и Постојаната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот се активни и во периодот кој е пред нас и ќе го дадат својот придонес во реализација на Планот 3 - 6 - 9.

- Собранието на Република Македонија било и секогаш ќе биде дом на демократијата, отвореноста, спротивставените мислења и ставови кои се основата за градење и зајакнување на демократијата во Република Македонија. Законодавната и извршната власт се нераскинливо поврзани во остварувањето на потребите на граѓаните и правните субјекти, градењето реформски чекори, целосното почитување на слободите и правата, владеењето на правото и правната држава целосно ќе ги реализира евроатланските перспективи на Република Македонија, наведува Џафери во одговорот. 

Тој во писмото изразува и благодарност за, како што истакнува, искрените честитки од Заев за раководењето со Собранието во првите 100 дена.

Премиерот Зоран Заев завчера го достави барањето до претседателот на Собранието Џафери за неделни тематски пратенички прашања во траење од еден час.