Бизнис
2. February 2023 - 19:54

Дополнително намалување на цените со увоз од Турција, владата најавува кризен данок и за енергетските компании

Поевтини суровини од Турција ќе се увезуваат кај нас. Ова значително ќе ги намали трошоците за производство, со што се очекува пад на цените на земјоделските производи. 

Ќе се ревидира посточекиот договор за слободна трговија што земјава го има потпишано со Турција од 2002-та година, со кој одредени царински стапки ќе се укинат, дел ќе се намалат, а некои од увозните бариери ќе се избришат. Ова е договорено на мешовитата комисија која меѓу двете земји се одржа во Скопје.

-Тоа значително ќе ги намали трошоците за влезни суровини за земјоделците, што ќе резултира и со пад на цените на основните прехранбени производи, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.  

Вчера Владата го усвои и предлог законот за данок на солидарност, со кој фирмите кои добро заработувале, ќе платат 30% данок. Сите компании чиј годишен приход бил над 10 милиони евра и имаат профит поголем за 20% од 4 годишниот просек, ќе бидат опфатени. 

Министерот Бектеши вели дека исклучок нема да бидат на трговците со струја, кои лани се основале, а од енергетската криза, добро профитирале.

-И тие компании ќе бидат опфатени како и компаниите во делот на снабдувањето со нафта и нафтени деривати, имајќи предвид дека и маржата им беше зголемена во време на енергетската криза, затоа што велеа дека нема да снабдуваат, однсно нема да работат со нафта, додава Бектеши. 

Инаку, парите од новата давачка ќе одат во посебен фонд, со кој ќе се помагаат граѓаните и стопанството за полесно справување со кризата. Со очекува да бидат собрани околу 90 милиони евра.