Македонија
11. April 2021 - 16:32

Дојран се подготвува за втората сезона во услови на пандемија

Дојран се подготвува за втората сезона во услови на пандемија. Локалната самоупрaва најавува богата туристичка понуда во која главниот акцент ќе биде ставен на безбедноста и заштитата на здравјето. Врз база на искуствата од лани веќе подготвуваат и серија кампањи кои треба да придонесат за подигање на свеста кај туристите, но и локалното население.

„Ќе се насочуваме за тоа да правиме кампањи за подигање на совеста кај самите посетители, но и самото локално население како што го правевме тоа и минатата година. Секако, оваа година сме побогати со минатогодишното искуство. Ланската година имавме одлична туристичка сезона, но пред се безбедна туристичка сезона поради Ковид 19. Се надеваме дека и оваа година ќе успееме и ќе имаме една успешна туристичка сезона,“ вели Анго Ангов, градоначалник на Општина Дојран. 

Во понудата оваа година ќе влезат повеќе  нови парковски површини, обновена инфраструктура, но и локалитети кои до сега беа познати само за жителите на Дојран. Меѓу нив се Саат кулата и Турската бања чија обнова влегува во завршна фаза.

„Се работи на дополнителната туристичка содржина, тоа е Саат кулата, Турската бања и пристапните патеки кои што веќе се започнати и се во фаза на реализација. Нивното завршување се планира некаде кон крајот на мај. Одредени локални улици, тротоарски површини се работат и се надеваме дека пред летната сезона ќе бидеме подготвени да ги дочекаме туристите, секако проследено со останатите активности кои што ги планираме и правиме и ова лето во услови на пандемија и Ковид 19,“ вели Ангов.

И покрај пандемијата Дојран лани имаше успешна сезона. Поради затворените граници голем дел од македонските граѓани својот годишен одмор го поминаа во овој туристички центар. Значен удел во големата посетеност имаа и ваучерите за туризам кои граѓаните одлучија да ги искористат за престој на Дојранското крајбрежје.