Македонија
14. April 2021 - 16:38

Доаѓаат 20.000 вакцини од Фајзер, Македонија на европското дно според вакцинацијата

По двомесечно чекање, на 19 април во земјата ќе стигнат 10.000 дози од Фајзер и уште 10.000 една недела подоцна. Овие пратки се дел од директниот договор на МЗ со компанијата за набавка на 800. 000 вакцини. До крајот на месецот надлежните ги чекаат и 75. 000 на Астра Зенека од Ковакс, а засега нема најави за пристигнување на големите количини од Синофарм и Спутник. Дури и најавената помош од ЕУ од околу 100.000 вакцини наместо овој месец е пролонгирана за мај, потврди министерот за здравство. И додека чекаме помасовна имунизација, статистиката покажува дека Македонија е последна во Европа по број на вакцинирани. Пред нас се и Босна и  Херцеговина и Албанија. Слаб е и интересот на граѓани кои се пријавуваат на вакцинација.мк.

-Очекуваме оваа да се менува како што ќе доаѓаат вакцини во нашата земја. Имаме подготвено и кампањи како ние како Министерство, така и Владата, а секако апелирам и до граѓаните да се пријавуваат на вакцинација.мк, овие денови ќе има и апдејтирање на податоците и ќе добиаат порака на смс, вели Венко Филипче, министер за здравство. 

Досега во земјата вакцини примиле околу 30.000 граѓани. Денеска завршија вработените од критични сектори и од утре во Борис Трајковски продолжува вакцинацијата според возраст. На ред се 73 и 74 годишни граѓани за кои има околу 2500 дози од Спутник, 2000 Астра Зенека и 1000 кинески донација од ОАЕ.  

Филипче најавува големи пунткови за имунизација во уште пет градови низ државата, а покрај намалување на епидемиолошката крива, вели, се уште е голем притисокот врз болниците каде на лекување има над 1700 граѓани. Рестриктивните мерки се на сила до 20 април, но не е исклучена можноста и од нивно продолжување. 

-Во зависност од индикаторите, ако има потреба дефинитивно да, вели Филипче. 

Од друга страна, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека полицискиот час е резултат на неспособноста за набавка на вакцини. Од партијата со реакција за трошењето на пшоследните дози и го прашуваат министерот како планираат да ја спроведуваат имунизацијата.