Македонија
1. September 2015 - 14:49

Димовски: Додека СДСМ бојкотираше, во Собранието се донесоа низа значајни закони

Пратениците имаат обврска која сами ја побарале, за која сами се кандидирале, да бидат присутни овде во Собранието, да дискутираат, да прашуваат, да одлучуваат. Секоја друга постапка, секој бојкот, уцена, деструктивно однесување, секоја блокада води единствено на штета на државата и на нејзините граѓани, изјави денеска прес-конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Тој го поздрави враќањето на опозицијата во Парламентот, но потенцира дека оправдување за неработа, за незаинтересираност, за неодговорност нема и не е возможно да има. Но, посочи, секоја партија и секој поединец пратеник одлучува за себе и треба да е спремен да ја понесе одговорноста. За неа ќе одлучуваат граѓаните за само осум месеци, изјави координаторот на пратеничката група.

Додека пратениците од СДСМ не работеа, истакна Димовски, во Собранието се донесоа низа значајни закони и одлуки кои се од директен интерес на граѓаните.

- Нема да дозволиме Собранието да биде орган кој ќе се занимава само и единствено со интересите на СДСМ или која било друга политичка партија. Нивните пратеници имаат обврска да бидат овде, да ја одработуваат својата плата, а не да бидат дел од сценарио за заштита на кариерата на одамна пропаднати политичари, рече Димовски. Додаде дека пратениците се избрани врз база на волјата и одлуката на мнозинството граѓани, и оти тие имаат намера да работат на исполнување на програмата за која се избрани и во интерес на граѓаните. 

Тој, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека пратениците од СДСМ јавно барале оставка, а тајно барале да не им се прифатат поднесените оставки.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од целата нивна коалиција за „Подобра Македонија“,  но и останатите пратеници од ДУИ, ДПА и независните пратеници во изминатата година, рече тој, имаа интензивна и плодна работа.

- Се што ние постапивме како пратеничка група и што ќе постапиме во иднина било врзано со нашата намера и желба Република Македонија да бисе стабилна демократија и држава во која што концентрација на енергијата на политичките партии нема да бидат политичките манипулации, подметнувања и игри туку ќе се концентрираме на стотици проекти, ќе се концентрираме на економскиот развој, на подобрување на животните и егзистенцијални услови, на подобрување на инфраструктурата..., изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“. 

Запрашан за носење на закон за специјален обвинител, Димовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да носи одлуки кои се во согласност со Уставот на Република Македонија.

- Ние не се плашиме од работата на идниот специјален обвинител, но мислам дека во оваа држава има многу други луѓе кои ги видовме на дело кои треба да се плашат од постапување на институциите. Пратениците се спремни да носат одлуки согласно Уставот, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.  

Димовски, како и неколку други пратеници посочија на низа закони кои се донесоа во изминатиот период, а кои се во полза на граѓаните. - Вкупно се донесени над 370 закони, но потенцирам дека голем дел од тие закони се усогласувања со законите за прекршоци и за управна постапка, рече тој. 

Ги нагласи законите за прекршоци, за социјална заштита, проектот Македонија вработува, за вработување и осигурување во случај на невработеност, за трансформација на работниот однос, со законот за гаранција со кој Македонија набави нови и современи возови после 35 години, законот за детска заштита, законот за здравствена заштита, направена е реконструкција на многу патишта и друго.