Македонија
20. October 2017 - 15:31

Димков: ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог за организирање референдум за договорот со Бугарија

Владата на СДС во крајно нетранспарентен процес склучи Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија кој што е небалансиран односно предизвикува обврски само за нашата држава без да предвиди никакви отстапки од бугарска страна.

Од тие причини, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе до парламентот на Република Македонија предлог за организирање референдум на кој граѓаните на Република Македонија ќе се изјаснат за Договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија.

Ваквата одлука е донесена врз основа на последната седница на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ на која беше донесен заклучок дека не смее да биде заобиколена ниту стручната јавност, ниту народот.

Имајќи предвид дека овој договор се потпиша, но сеуште парламентот го нема ратификувано и со тоа сеуште не е важечки, ВМРО-ДПМНЕ смета дека пред изјаснувањето за овој договор од страна на пратениците, правилно е да се слушне мислењето на граѓаните.

Имајќи ја предвид важноста на овој договор, отстапките направени во него од страна на власта во Македонија, и последиците кои ќе бидат долгорочни и поприлично ќе го надминат векот на постоење на оваа влада, демократски е, и би рекле највисок демократски и морален  чин е да се даде можност за изјаснување од страна на сите граѓани на Македонија, пред членовите на парламентот да го усвојат овој меѓународоен договор, и тој да стане валиден.

Посебно, имајќи ги предвид обврските преземени во него, и фактот што за разлика од телата на парламентот во Бугарија каде едногласно се прифати овој договор од сите партии и пратеници, во Македонија тоа не е случај и има очигледна поделеност помеѓу партиите во парламентот.

ВМРО-ДПМНЕ ја почитува Република Бугарија како сосед близок по многу нешта со Република Макеоднија, и како земја членка на НАТО и ЕУ, заедници кон кои и ние тежнееме. Од тој аспект ВМРО-ДПМНЕ поддржува да се градат пријателски односи со соседна Бугарија, вклучувајќи и низ еден ваков договор.

Сепак, ВМРО-ДПМНЕ,  има сериозни забелешки на неколку членови од договорот, а најконкретно во деловите со кои декларирајќи постоење на заедничка историја се предвидува и создавање меѓу државна комисија која ќе ги дискутира промените на учебниците по историја во Македонија. За ВМРО-ДПМНЕ неприфатливо е откажувањето од македонското малцинство во Бугарија, а непотребно е повторно прифаќање на именувањето на нашиот македонски јазик, како јазик од Уставот на Македонија, дефиниција која не постои во ниту еден друг договор на Македонија и Бугарија со било која земја во светот, и очигледната намера преку оваа формулација за непризнавање на македонскиот јазик.

Ова се крупни одредби во овој договор, и сметаме дека по најдемократски пат, треба на организиран државен референдум да се изјаснат граѓаните на Република Македонија.
    
Трајче Димков, ВМРО-ДПМНЕ