Балкан
21. November 2022 - 16:32

Дијалогот Белград - Приштина на стаклени нозе

Борел успеа да ги седне на иста маса Вучиќ и Курти, но исходот е крајно неизвесен. Шефот на европската дипломатија го свика итниот состанок во обид да се деескалира ситуацијата на Косово откако Приштина се закани дека од денеска ќе почне да ги казнува Србите на Косово кои возат со српски регистарски таблички. Одлуката сепак е одложена за утре. Српскиот министер за надворешни работи Дачиќ, предупреди дека доколку не надвладее разумот можни се инциденти.

Вучиќ пред да замине за Брисел, состојбата на Косово ја оцени како најлоша во последниве 10 години. Според  него, не се проблем само табличките туку и одбивањето на косовските власти да го почитуваат бриселскиот договор. Во исто време, Приштина е одлучна да воспостави контрола над целата територија, со казни од по 150 евра за секој кој ќе биде запрен со српска регистрација во Северно Косово. Како контра мерка Србите ги напуштија косовките институции и почнаа да потпишуваат нови работни договори со институциите на Србија. Потезите сега се влечат во Брисел, а Вучиќ и буквално заигра шах во очекување на резултатот од разговорите меѓу Борел и Курти.