Македонија
7. February 2023 - 16:33

Детската болница останува без потребниот персонал?

Останува ли Клиниката за детски болести без неопходен кадар за третман на пациентите? Во моментот најавени се заминувања на две докторки педијатри кои ќе продолжат со работа во приватна болница и уште една која планира да ја напушти земјата. 

Се празнат одделите за неонатологија и ревмато-кардиологија каде според наши информации веќе кубурат со здравствен персонал. Од директорката на Клиниката добивме писмен одговор дека има кој да работи и на двата оддели остануваат по тројца педијатри од кои половина биле професори. Но не кажа колку од нив наскоро ќе одат во пензија. 

-Прашањето на одлив на кадри од јавното здравство во приватниот сектор, кој постојано се шири и регрутира искусни кадри од јавното здравство (без ништо да вложи во нивната едукација и тренинг) е прашање кое треба да го реши државата. Ние не можеме на докторите кои заминуваат да им понудиме повисоки плати, кои секако ќе ги добијат во приватната болница, стои во писмениот одговор на Директорката на клиниката за детски болести.    

Иако си одат доктори ревматолози, од Детска велат дека пациентите со оваа дијагноза и понатаму ќе бидат згрижени кај нив бидејќи само на клиника можеле да ја добиваат биолошката терапија.

Изминатите 5 години повеќе од 15 педијатри од Детска заминаа во приватна болница.