Македонија
26. January 2020 - 19:49

Детектор: Речиси 90% од граѓаните се против увоз на отпад

Граѓаните се против политиката за увоз на отпад. Ова е резултатот од истражувањето на јавното мислење, што за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Анкетата покажува дека 89,6% од испитаниците се против увоз на отпад во земјава, додека поддршка на таквата политика даваат само 3,9%.

Скоро две третини од граѓаните опфатени со истражувањето мислат дека депониите не работат согласно со законските норми.

Речиси половина од анкетираните мислат дека се зголемува бројот на диви депонии во изминатите неколку години, додека само 7% сметаат дека тој број се намалува.

Нешто над 40% од испитаниците очекуваат дека членството во Европската унија ќе помогне полесно да се надмине проблемот со менаџирање на отпадот. Во спротивното се убедени 15,7%, додека за 26% од нив членството во Унијата нема да направи некоја разлика во однос на овој проблем.

Истражувањето на Детектор покажува дека за граѓаните е многу важно решавањето на проблемот со менаџирање на отпадот. На скала од 1 до 5, скоро 59% го оцениле овој проблем со “петка”, а само за 1,3% од испитаниците изнаоѓањето на решение за овој проблем заслужува најниска оцена.

Дури 88% од анкетираните се подготвени да го селектираат својот отпад, наспроти 3% од тие кои не би правеле селекција. Но, една четвртина од испитаниците веќе селектираат отпад, скоро 35% го прават тоа делумно, додека околу 39% воопшто не селектираат.

Сепак, дури 82,7% велат дека сè уште користат пластични кеси за една употреба, додека едвај 16% не го прават тоа.

Анкетата на Детектор покажува дека во моментов 15% од испитаниците сè уште немаат канализација.

Истражувањето на јавното мислење го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје, по нарачка на Детектор, а анкетирани се 1.105 испитаници.