Бизнис
17. November 2019 - 19:11

Детектор: Мнозинството граѓани се против прогресивниот данок

Мнозинството граѓани се против прогресивното даночење и сметаат дека државата одзема голем дел од платата, а собраните пари во буџетот не се трошат правилно, покажуваат резултатите од анкетата на Детектор.

По бурните реакции од страна на граѓаните и бизнис секторот, по само 10 месеци од воведувањето, Владата донесе одлука да го одложи даночењето со прогресија до 2023 година.

Според анкетата на Детектор, околу 42% од испитаниците сметаат дека треба да се врати рамниот данок, а поддршка за прогресивниот даваат 25% од нив.

Околу 38% од вкупните испитаници сметаат дека со воведувањето на прогресивниот данок, даночното затајување ќе се зголеми, додека намалување очекуваат само 10% од нив.

Дури 61% од граѓаните сметаат дека плаќаат високи даноци во однос на платата, додека едвај 2% имаат спротивно мислење.

Доколку имаат можност да намалат една од давачките кон државата, најголем дел од анкетираните би ги намалиле персоналниот данок, данокот на имот и данокот на додадена вредност.

Кога станува збор за тоа како државата располага со парите собрани од даноци и други давачки, дури две третини од анкетираните се незадоволни и сметаат дека парите на граѓаните не се трошат правилно и наменски. Помалку од 10% се убедени во спротивното.

Над 60% од испитаните сметаат дека при креирање на државниот буџет, на прво место се става интересот на политичките партии.

Владината мерка за намалување на сивата економија и враќање на пари кај граѓаните преку поврат на ДДВ, според анкетата на Детектор не е многу актуелна. Дури две третини од анкетираните воопшто не скенираат фискални сметки, наспроти една третина кои што го прават тоа.

Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје, а опфатени се околу 1100 испитаници.