Македонија
29. January 2023 - 16:34

Детектор анкета: Над 60% од граѓаните сметаат дека државата не е подготвена да се справи со економската криза и инфлацијата

Над 60% од граѓаните сметаат дека државата не е подготвена да се справи со економската криза и инфлацијата, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, 60,7% од анкетираните сметаат дека Македонија не е подготвена да се справи со економската криза и инфлацијата, додека подготвеност гледаат 32,4%. 62,7% од граѓаните се на ставот дека досегашните мерки кои Владата ги воведе за справување со последиците од економската криза и инфлацијата не даваат резултати, додека ефект од нив гледаат 28,5% од анкетираните.

Најнезадоволни од мерките се во пелагонискиот регион каде 69% од граѓаните се на ставот дека владините мерки не даваат резултати. Во поглед на очекувањата за оваа година, граѓаните во мнозинство се песимисти. 56,8% сметаат дека инфлацијата и трошоците за живот оваа година ќе пораснат, додека четвртина се на ставот дека ќе бидат приближно исти како и сегашните. Само 9,5% очекуваат намалување.

Најголемиот дел од граѓаните очекуваат економската криза да трае повеќе години. Ваков став делат 31,8% од анкетираните. Крај на кризата со крајот на оваа година очекуваат 23,8% од анкетираните додека 17,7% сметаат дека економската криза ќе заврши за две години. Најголем дел од граѓаните сметаат дека власта имала најголемо влијание и одговорност за актуелната економската во криза во Македонија.

На скалата од 1 до 5, 44% од граѓаните и дале „петка“ на Владата за степенот на одговорност за кризата во Македонија. 33,2% со највисок степен на одговорност за кризата ја оцениле војната во Украина а 29% други надворешни фактори Најмало влијание според граѓани врз кризата имале корона пандемијата и опозицијата. На скалата од 1 до 5 највисока средна оценка како највисок степен на одговорност за актуелната економска криза во Македонија добила власта.

Нејзината средна оценка е 3,95. 44,3% сметаат дека таа имала големо влијание врз кризата додека само 8,2% сметаат дека политиките на власта не влијаеле врз економската криза. Со средна оценка од 3,9 граѓаните сметаат дека други надворешни фактори имале големо влијание врз кризата.

Најмала средна оценка за своето влијание врз кризата има опозицијата. На скала од 1 до 5 граѓаните ја оцениле со 3,13. Истражувањето на јавното мислење за потребите на емисијата Детектор го направи Институтот за политички истражувања – Скопје (ИПИС) на репрезентативен примерок од 1.119 испитаници преку телефонска анкета реализирана во периодот од 23 до 26 декември