Македонија
29. March 2020 - 18:38

Детектор анкета: Граѓаните задоволни од мерките – 40% очекуваат да се заразат со корона вирусот

Над 40% од граѓаните очекуваат да се заразат со вирусот COVID-19 покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според него, 10,2% од граѓаните велат дека најверојатно ќе се заразат со вирусот а 21% дека можеби ќе се заразат.

24,1% од анкетираните мислат дека веројатно нема да се заразат со корона вирусот додека 12,1% се сигурни дека нема да се заразат. 37,9% од анкетираните сметаат дека во следните неколку недели состојбата со кризата со корона вирусот ќе се влоши, 31,6% очекуваат подобрување додека 13,5% не очекуваат некакви промени. 64,4% од анкетираните сметаат дека македонските лекари се способни соодветно да го дијагностицираат и лекуваат корона вирусот додека 14,3% се убедени во спротивното. 42,8% сметаат дека македонското здравство има доволно ресурси за да се справи со кризата додека 34,2% сметаат дека ресурсите не се доволни.

Висока поддршка ужива министерот за здравство Венко Филипче. Анкетата на Детектор покажува дека 82% се задоволни од неговата работа во однос на кризата со корона вирусот, додека 11% велат дека не се. Огромна е поддршката која граѓаните ја даваат на мерките кои надлежните ги спроведуваат за надминување на кризата со корона вирусот. Над 90% од анкетираните даваат поддршка на мерките за забрана на јавни собири, затворање на угостителските објекти, училиштата и аеродромите како и затворање на границите.

На 90% е поддршката и за одложување на изборите а над 87% за казнување на оние кои не ги почитуваат мерките за изолација и за забраната за движење од еден во друг град. Најмала поддршка меѓу овие мерки има полицискиот час, но сепак, дури 74,8% од граѓаните даваат поддршка за тоа. 60,7% од анкетираните сметаат дека мерките се соодветни, 20,6% се на став дека тие не се доволни додека 12,6% сметаат дека мерките на надлежните за справување со епидемијата на корона се престроги. 79,2% од анкетираните велат дека се задоволни од работата на надлежните во однос на кризата со вирусот, додека 14% велат дека не се.

Во однос на земјите од регионот, мнозинство од граѓаните во Детектор велат дека Македонија се справува на ист начин. Таков став имаат 43% од анкетираните. 28,4% сметаат дека земјава се справува подобро од соседните земји додека 11,2% сметаат дека таа се справува полошо. 66,9% од анкетираните велат дека се задоволни од информациите околу состојбата со кризата кои ги добиваат од медиумите. 21,2% велат дека се делумно задоволни а 7,5% не се задоволни од начинот на кој известуваат медиумите. 50,7% сметаат дека граѓаните генерално се придржуваат до препораката за често миење на рацете, 25,7% се на ставот дека оваа препорака донекаде се почитува а 12,9% сметаат дека таа не се почитува.

Над една третина или 35,6% од анкетираните велат дека граѓаните генерално се придржуваат од препораката да не излегуваат од дома ако не се чувствуваат добро. 25,1% сметаат дека оваа препорака само донекаде се почитува додека 22,8% сметаат дека препораката не се почитува. 34,9% сметаат дека граѓаните се придржуваат до препораките за избегнување на физички контакти, 28,9% се на ставот дека тоа го прават донекаде, додека 24,8% сметаат дека оваа препорака на се почитува.

Близу третина од граѓаните или 30,6% сметаат дека генерално се почитува препораката да не се излегува од дома без потреба. 29,3% се на ставот дека оваа препорака делумно се почитува додека 29,4% се на ставот дека препораката да не се излегува од дома без потреба не се почитува. 29,1% од анкетираните граѓани велат дека граѓаните генерално се придржуваат до препораките за носење маски и ракавици надвор од својот дом, 31,3% сметаат дека оваа препорака донекаде се почитува а 27,8% сметаат дека не се почитува. Граѓаните велат дека не се почитуваат препораките за одговорно пазарење. 39,2% од анкетираните имаат ваков став. 26% сметаат дека оваа препорака се почитува а 24,2% сметаат дека таа се почитува но само донекаде.

Мнозинството граѓани велат дека се многу загрижени околу состојбата со корона вирусот. 38% велат дека се премногу загрижени, 34,% велат дека се многу загрижени а донекаде загрижени се 21%. Само 3,9% велат дека се малку загрижени а само 2,3% изјавиле дека воопшто не ги загрижува состојбата со корона вирусот.

Најголем дел од граѓаните или 38,8% најмногу се плашат од економската криза кој ја предизвикува вирусот. 15,3% се најзагрижени за евентуален колапс на здравствениот систем, 10,7% поради можен недостаток на храна, лекови и други стоки, додека 5,6% се загрижени да не го изгубат своето работно место. 37,8% сметаат дека поради кризата ќе има недостаток на болнички кревети, додека 33,4% не очекуваат ваков проблем. Над половина од анкетираните или 50,4% сметаат дека нема да дојде до недостаток на храна и лекови поради корона вирусот додека од таква опасност стравуваат 32,6% од анкетираните.

Најголемиот дел од граѓаните или 28,7% сметаат дека корона вирусот ќе престане да се шири за еден до три месеци. Поголеми оптимисти се 25,1% од анкетираните кои велат дека вирусот ќе престане за се шири за една недела до месец дена. 12,2% очекуваат крај на кризата во период меѓу три и шест месеци. 8,1% сметаат дека ширењето на вирусот ќе престане за најмногу една недела додека 5,1% очекуваат да имаме проблеми повеќе од 6 месеци. 43,1% од анкетираните очекуваат Македонија да добие помош од Европската Унија за справување со кризата со корона вирусот, додека 27,4% не очекуваат помош. Слични се бројките и кога станува збор за очекувањата за помош од НАТО алијансата. 44,4% од анкетираните очекуваат помош од НАТО за справување со корона вирусот додека 27,1% не очекуваат алијансата да помогне. Анкетата по нарачка на Детектор телефонски ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје врз репрезентативен примерок од 1116 испитаници во периодот од 18 до 21 март со маргина на грешка од плус-минус 3%.