Македонија
29. April 2016 - 19:51

Денеска е Велики петок православните христијани го одбележуваат најтешкиот ден во годината

Строг пост и жалост. Православните христијани го одбележуваат Христовото распнување. Велики петок, во христијанството важи за најтешкиот и најтажниот ден во годината. Верниците не се радуваат, а црковните ѕвона не бијат, се до недела кога се слави Христовото воскресение. Храмовите од утрово се преполни. Со желби за здравје и среќа во текот на годината, граѓаните се поклонуваат под Светата Плаштеница, која го симболизира гробот на Исус Христос.

На Велики петок не се служи литургија, во храмовите се читаат извадоци од евангелијата во кои се опишува недела на страдањата на синот Божји.

Утре пак е Велика Сабота, предвечерие на најголемиот христијански празник Велигден. Точно на полноќ камбаните ја огласуваат радосната вест за Христовото воскресение, со што завршуваат и 40-дневните пости.