Македонија
20. October 2021 - 16:47

Ден по сторијата на Сител: Исчезнаа багерите од Водно, затворен и дивиот пат, сопствениците повикани на распит во полиција

Запреа градежните активности во парк шума Водно, денеска овде беше мирно. Повлечена е градежната механизација по синоќешната инспекциска контрола.

 Сопствениците се повикани на распит во полициска станица бидејќи се работи за приватни парцели. Тие го прекршиле законот и добија казни но и наредба да го врата земјиштето во првобитната состојба.

Од општина Центар констатирале дека се работи за 4 парцели кои се надвор од ДУП и ГУП.  Градоначалникот на Центар го презентираше планот на кој јасно се гледа дека овој простор е дел од Парк шумата Водно и е надвор од урбанистичките планови. Ќе се проверува и зошто е направен дрвениот мост.  

Запрени се градежните работи и на куќите кои се градат од спротива. Денеска до нив  не можеше да се стигне.

Инспекторите по сторијата на Сител направиле проверка и на дел од околните куќи . Постапиле со рушење на една помала дивоградба. Останатите дополнително ќе ги проверуваат дали добиле документ за легализација, но Богдановиќ прецизно не одговори дали и колку одобренија за градба  се издадени во овој дел.