Македонија
20. November 2019 - 18:01

Демократски сојуз: Бракот помеѓу судот и политика да се раскине

Демократскиот сојуз критички ја опсервира работата на правосудните органи и се залага за нивна самостојност и одговорност во извршувањето на обвинителската и судската дејност.

Демократскиот сојуз постојано се залага за генерален реизбор на обвинителите и судиите, како и коренити реформи во поставеноста на судскиот систем, изборот и обуката на судиите, градење на механизми за незавизност, двостепеност на постапките, развиен и објективен контролен механизам над судиите и сл.

Целокупното наше залагање е да имаме високо професионални, одговорни и добро платени судии со висок професионален и морален интегритет.

Цврсто сме определени политичарите, посебно извршната власт да не се меша во работата на судовите.

Но мега аферата РЕКЕТ јасно и недвосмислено ги потврдува оценките дека постои спрега помеѓу центрите на моќ, политичкото и бизнис подземје, како и мафијата, која е се подобро организирана и присутна во Македонија. Само во Скопје нека се провери колку “ресторани” отвори нарко и урбаната мафија каде се дели кокаин и други дроги, се врши проституција итн. По правило се работи за нелегални градби, каде не се почитува работно време и се пушта гласна музика, а граѓаните попусто ѕвонат на 192.

Без реформи во судството, нема владеење на правото и во право е обвинителката Русковска, нема ниту влез во Европската Унија.