Македонија
16. October 2019 - 14:24

Дебата „Дрогата, малолетничката деликвенција и нарушувањата на јавниот ред и мир во и околу школите“

Дебата насловена „Дрогата, малолетничката деликвенција и нарушувањата на јавниот ред и мир во и околу школите“ се одржа денеска во општина Тетово. Учествуваа претставници на образовните установи, полицијата, стручни служби и локалната самоуправа.

-Соработката е на прво место во насока на достигнување на превенцијата. Секоја информација која ја поседуваат директорите, професорите, педагозите и психолозите е од корист за елаборација, анализа и доаѓање до момент за расчистување на настани и случаи. Преземаме превентивно едукативни проекти, разговараме исто така директно со ученици во врска со овие активности, изјави Фатмир Реџепи, портпарол во СВР Тетово.

Ахмет Ќазими од Секторот за јавни дејности при општина Тетово истакна дека шест пати се намалиле бројките на нарушувања на јавен ред и мир за шест години и затоа се важни едукативно-превентивните активности.

– Во 2013 година имало 36, а сега во 2019 година само четири нарушувања на јавен ред и мир во училиштата. Оваа мултисекторска активности се надеваме дека ќе вроди со плод, не само да намалат бројките, туку и да се минимизираат, па да има и такви училишта каде ќе нема воопшто нарушување на јавен ред и мир, рече Ќазими.

Во ОУ „Братство-Миѓени“ има повеќе објекти каде настава се следи на македонски, албански и турски јазик, па се прават обиди мултикултурализмот да се искористи да се сплотат учениците, посочи помошник-директорката Јелена Деспиниќ Кироска.

– Педагошко-психолошката служба, како и сите наставници секојдевно се вклучени во голем број на секции и активности. Учениците се дружат, а се работи заедно уметност или спортски активности, предмети, каде се заедно сплотени. Можеме да се пофалиме дека во нашето училиште немаме некои екцеси меѓу учениците, изјави директорката.

Организатор на дебатата беше Отсекот за превенција при СВР Тетово.