Македонија
4. јуни 2020 - 16:50

Дали пристигна пикот - 120 нови случаи со корона во земјава

Македонија денеска е рекордер по бројот на новозаболени со Ковид 19 во регионот, но и пошироко. 120те позитивни случаи изминатото деноноќие се најмногу досега од појавата на корона кризата во земјата. Дали го достигнавме пикот или ќе има уште поголеми бројки деновиве ќе покажат тестирањата на сомнителните и големиот број на контакти кои веќе имаат добиено решенија за самоизолација. Од вечерва па во следните 80 часа половина држава ќе биде во карантин, а во останатиот дел ќе има полициски час кој во петок, сабота и недела ќе биде од 16 часот попладне па до 5 часот наутро следниот ден. Иако враќањето на рестриктивните мерки предизвика лавина од негативни реакции кај граѓаните, министерот за здравство очекува да дадат резултат.

-Прогнозите се дека ќе имаме многу поинаква, многу подобра слика до крајот на неделата, но тоа го кажувам со резерва бидејќи ќе зависи од анализите што секојдневно ги правиме, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Оваа оптимистичка најава Филипче ја темели врз основа на податоците дека 90 проценти од новодијагностицираните се од познати кластери а заразата ја добиле на семејни собири каде не одржувале дистанца ниту пак носеле маски. Побара и строга контрола од полицијата за време на продолжениот викенд карантин.

-Ќе барам строги санкции и контроли за почитување на овие рестриктивни мерки, вели Филипче.

И додека Филипче вели дека големиот број на новозаразените е поради непочитување на мерките и тоа во време на полициски час, неговиот колега вицепремиерот Османи причината за драстично зголемениот број ја гледа во лажните вести кои направиле страв кај населението и поради тоа заболените касно стигнувале на Инфективна или бегале од тестирање.

-Мора да се започне сериозна борба против лажните вести без разлика кој ќе биде епилогот, не може да се шират лажни вести и имаме луѓе кои се јавуваат дека не сакаат да одат на Инфективна бидејќи таму луѓето умирале. Не може да го дозволиме тоа. Јас разговарав и со новиот поглавар на ИВЗ да им укажат на верниците за сериозноста од заразата, вели Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања. 

Во денешната статистика повторно наголем број на заболени, односно 67 има во главниот град. Најмногу заболени има во Чаир а позитивни на Ковид 19 има во речиси сите скопски општини. По државниот просветен инспекторат каде вчера беа дијагностициран идвајца заболени, денеска надлежните објавија дека е затворено одделениа на пазарниот инспекторат во Куманово каде има 1 заболен а сите други се во изолација.

Изминатото деноноќие се регистрирани и два смрни случаи. Еден пациент починал на Инфективна а другиот во ГОБ 8ми септември. И не само по новозаболени, Македонија е рекордер и по бројот на починати – 147 досега. Според статистиката на земји во источна Европа, нашата земја е на врвот со дури 70 умрени на 1 милион жители. Во Грузија има само тројца починати на 1 милион жители, во Албанија 11 а Литванија и Белорусија по 26 смртни случаи на 1 милион жители.

Инаку денеска пристигна помош од ЕУ, 8 респиратори.