Македонија
25. September 2021 - 16:39

Дали можете да добиете отштета доколку паднато дрво од невреме ви го уништило автомобилот?

Дали можете да добиете оштета доколку во невреме настрада вашиот автомобил? Одговорот е, само доколку дрвото кое паднало врз вашето возило е маркирано од Паркови и зеленило. Во спротивно, штетата ќе си ја платите сами.

Таков е случајот со Боро Стефановски чија „тојота“ настрада во невреме во март годинава. Тој шест месеци бара од институциите да му помогнат во покривање на големите штети. Во меѓувреме, возилото скапува во гаража бидејќи тој сега нема пари да ја поправи. Се надевал дека од институциите ќе добие барем половина од парите кои треба да ги вложи за да го врати автомобилот во возна состојба.

- Кровот е уништен целосно. Шофершајбната исто ми рекоа, и таа е 100% уништена, хаубата, задното стакло, задниот дел на колата. Тие се многу скапи делови, негде околу 2.000 евра ми кажаа за штетата.

Паркови и зеленило само оваа година добила 15-тина барања за обештетувања, но ниту едно не било одобрено бидејќи по разгледување на барањата било констатирано дека се неосновани.

Оттаму велат дека обесштетување се врши само доколку дрвото кое направило штета има добиено Решение за сечење од Секторот за комунални работи на Град Скопје.

- Во случај на паднато дрво или гранка најнапред потребно е да се извести, повика МВР и да се направи увид и полициски записник на местото на настанот и констатација на состојбата. Потоа, самиот оштетен прави фотографии како доказ по што оштетениот доаѓа во Дирекцијата на нашето претпријатие да го пријави настанот. Потоа службено лице за осигурување од претпријатието изготвува Пријава за штета по што истата се доставува до осигурелна компанија со која е склучен договор за обештетување. Обештетување се врши само доколку се исполнети сите потребни услови, велат од Паркови и Зеленило.

Стефановски се обратил и до општина Кисела Вода, но не добил никаков одговор. Одговор не доби ниту Сител, но во неформален разговор оттаму велат дека општината не исплаќа пари доколку дојде до некакви штети поради невреме.