Македонија
25. January 2020 - 16:36

Дали легализацијата на канабисот за медицинска употреба им донесе бенефит на пациентите?

Додека власта и опозицијата со недели се расправаат за новиот предлог закон за одгледување канабис за медицински цели со кој може да се извезува сувиот цвет, пациентите во земјава ни претходно ни сега немаат бенефит, тврдат од Здружението “Зелена Алтернатива”.

-И во претходниот закон и овој сега пациентите за жал се искористени како изговор за да помине законот. А реално пациентите немаат баш никаков бенефит. Дури и најновите измени на законот даваат и други рестрикции за пациентите, така да тие се во полоша состојба, изјави Филип Достовски, претседател на Здружението” Зелена алтернатива”.

Иако државата во 2016 година дозволи лекарите да пропишуваат масло од канабис, а пациентите со онколошки и невролошки заболувања легално да го купуваат во аптеките, јавноста не слушна никакви официјални податоци од надлежните институции колку болни користеле вакво масло, ниту колку рецепти биле издадени.

-Немаме никакви информации колку луѓе користат легално масло што какво такво го има по аптеките, ниту што се случува со законот, се пробува да се заврши позади затворени врати. За се е крива државата така да според мои информации, 90 па и 95 проценти од маслото што го користат пациентите е од црниот пазар, а тоа што се зема од аптеките е многу мал процент, рече Достовски.

Од Зелена Алтернатива ги подржуваат производителите за да може да се дозволи извоз на сувиот цвет од канабис, но сметаат дека е потребно дел од маслото да остане и да биде достапно за македонските пациенти. Иако пред 4 години државата беше меѓу првите европски земји која донесе закон за медицински канабис, ова во меѓувреме го регулираат голем број држави во Европа, а постапки почнуваат и соседите.

-За жал бевме меѓу првите и имавме добар временски прозор за да се развива индустријата. Кај нас за жал сеуште не е почната индустријата. Нормално е деека и околните земји ќе го следат нашиот пример. Се повеќе се стеснува можноста за извоз и профит на државата од сувиот цвет. Значи се помали се проекциите колку би се заработило. Ако и други произведуваат помали се шансите за извоз, смета Филип Достовски од ” Зелена алтернатива”.

Досега државата има издадено 30-тина лиценци на компании за одгледување канабис.