Македонија
28. November 2021 - 19:37

Дали истрагата откри нови детали околу несреќата?

Се уште не се знае кога точно ќе заврши идентификацијата на телата на загинатите во катастрофата на автопатот Струма. Министерот Османи вели дека во контакт со семејствата ќе ги слушне нивните очекувања за процесот на пренесувања на телата во Македонија и на тој начин ќе се прави акциски план. 

-Работиме според проценките кога ќе заврши процесот на идентификација. Беше најавено една недела од случувањето на несреќата. Меѓутоа, еве има различни проекции дека може да биде еден ден потоа, до крајот на неделата. Така што, не можеме да кажеме точно бидејќи сето тоа зависи како во лабораторија ќе се одвива процесот на идентификација преку ДНК материјалите, вели Османи. 

ДНК примероците од роднините вчера беа предадени на бугарското Обвинителство за целосна идентификација на телата. Во Софија заминаа и двајца експерти од Институтот за судска медицина кои треба да им помогнат на бугарските колеги за да се убрза процесот на утврдување на идентитетот.

-Имам информација дека викендов работеле нашите колеги таму. Штом работеле треба да ги завршат за неколку дена, ако работеле викендов. Но, немам точна информација до каде се. Утре ќе знам многу повеќе. Меѓутоа, се работи на случајот и ќе се гледа што побрзо да заврши идентификацијата, вели диреркторот на Институтот за судска медицина, д-р Александар Станков.  

Во меѓувреме, преку социјалните мрежи се огласи и сопственикот на компанијата „Беса Транс“ Беким Хаџиу кој порача Алах да им даде рај на починатите, а на повредените што поскоро опоравување.

-Тие беа исто така наше семејство, бидејќи секогаш кога патувавме и патниците ги сметавме за фамилија. Четири дена бевме заедно во Истанбул и забележав дека повеќето и порано доаѓале со нас на тури со нашите автобуси за Истанбул. Овие тестови се од Алах и верувам дека се прифатени од секој верник, неговата волја не може да биде променета ни за минута и бараме од Алах никого да не тестира, напиша Хаџиу на Фејсбук.

Од Бугарското јавното обвинителство денеска за Сител само кратко рекоа дека се уште нема нови детали од истрагата за причините за трагедијата.

Во меѓувреме, делот од автопатот Струма кадешто се случи трагичната автобуска несреќа останува затворен и се уште можат да се забележат деловите од возилото кои останаа помеѓу банкините кои ги делат двата правци.